По неколкумесечна жестока дебата во владејачката левица, шпанските пратеници денеска дадоа конечно одобрение за законот со кој им се дозволува на луѓето слободно да го менуваат својот пол од 16-годишна возраст, во време кога другите европски земји се воздржуваат на оваа контроверзна тема.
Таканаречениот „трансродов закон“, кој е борбен коњ на радикалната левичарска партија Подемос, сојузник на социјалистите во владата на Педро Санчез, им дозволува на луѓето од 16-годишна возраст да го променат полот на нивните лични документи со едноставна административна декларација.
Веќе нема да биде потребно да се даваат медицински извештаи кои потврдуваат родова дисфорија и доказ за двегодишен хормонален третман, како што беше претходно случајот за возрасните.
Текстот – усвоен со 191 глас за, 60 и 91 воздржан – го проширува ова право и на 14-16-годишните, под услов во постапката да бидат придружени од нивните законски старатели и на 12-14-годишниците, доколку тие добијат зелено светло од судот.
Така, Шпанија им се придружува на неколкуте земји во светот кои дозволуваат родово самоопределување преку едноставна декларација, по примерот на Данска, првата земја што во 2014 година им го даде ова право на трансродовите лица во Европа.
„Денес направивме огромен чекор напред“ со признавањето на „слободното определување на родовиот идентитет“, рече министерката за еднаквост на „Подемос“, Ајрене Монтеро.