Шпанија го направи првиот чекор кон усвојувањето на законот за евтаназија

FOTO: CARLOS ROSILLO / VÍDEO: EFE

Законот за правото на евтаназија под строги услови ја мина во вторникот првата пречка во шпанскиот парламент и покрај жестоките противења на влијателната Католичка црква и на опозициската десница, што претставува голема победа за владејачките социјалисти кои овој закон го ветија пред две години.

Претставничкиот дом го потврди започнувањето на законодавниот процес со 203 гласа „за“ и 140 гласови „против“ и двајца воздржани пратеници. Претседателката на парламентот Меритксел Батет изјави дека сега се разгледува планот за прифаќање на законот. За текстот на законот сега ќе се дискутира и за него ќе се изјаснат пратениците а потоа и сенаторите, што ќе трае со месеци. Планот го поддржаа и партијата Граѓани (Ciudadanos) од десниот центар и низа помали партии.

„Шпанија направи решителен чекор во полза на признавањето на правото на достојна смрт“, напиша на Twitter социјалистичкиот премиер Педро Санчез кој во јануари ја формираше новата коалициска влада со радикалната левица Заедно можеме (Unidas Podemos).

Ова е третпат од 2018 година владејачката Шпанска социјалистичка работничка партија (PSOE) да ги поднесова овој предлог-закон. Претходните два обида не беа успешни, бидејќи Претставничкиот дом беше распуштан пред изборите.

Текстот предвидува лицето кое боледува од тешка неизлечива болест да може да добие помош да почине, доколку тоа го бара за да се избегне неподносливо патење. Молбата мора да биде напишана и повторена 15 дена подоцна, треба да ја прифатат два лекара и да ја разгледа комисија. Правото на повикување на совеста е предвидено за здравствените професионални работници кои одбиваат да учествуваат во евтаназијата.

„Овојпат се надеваме дека законот ќе биде прифатен и ќе стапи на сила кон крајот на годината“, изјави лекарот Фернандо Марин од здружението Право на достоинствена смрт.

Во моментов во Шпанија помошта при самоубиство се казнува со казна од 2 до 10 години затвор, а казната може да биде намалена доколку болниот пател од тепка болест и барал помош да му бидат скратени маките.

Расправата во шпанското општество се одвива 22 години по смртта на Шпанецот Рамо Сампедро, тетраплегичар од 25-годишна возраст кој потоа 29 години ги мина во барањето право на евтаназија.