Шпанија: Меѓу половина и два милиона луѓе протестираа против Санчез

Во неделата, меѓу 450.000 и два милиона демонстранти излегоа на улиците во градовите ширум Шпанија, огорчени од отстапките што социјалистичкиот премиер Педро Санчез ги направи на поборниците за отцепување на Каталонија и Баскија во замена за нов четиригодишен мандат на чело на Шпанија.

На протестите во 52 шпански градови повика централнодесничарската опозициска Народна партија (PP), чиј лидер Алберто Нуњез Фејо рече дека Шпанците „нема да молчат додека не се распишат нови избори“. „Она што се случува сега е спротивно од она за што гласавме“, им рече Фејо на 80.000 демонстранти на главниот плоштад Пуерта дел Сол во Мадрид.

Фејо освои најмногу гласови водејќи ја PP на парламентарните избори во јули, но не доволно за сам да формира влада. Откако не успеа да ги привлеќе другите партии да ја поддржат неговата малцинска десничарска влада, второпласираниот Санчез со неговите социјалисти доби шанса да формира влада.

Социјалистичка работничка партија на Шпанија (PSOE) на Санчез зависеше од поддршката од партиите за независност во автономните региони на Каталонија, каде живеат 7,5 милиони, Галиција со 2,7 милиони и Баскија со 2,2 милиони. Во четвртокот, Санчез постигна договор со партијата Заедно за Каталонија (JxCAT), ветувајќи му на лидерот во егзил Карлес Пучдемонт помилување и амнестија за организирање на забранет референдум за независност во октомври 2017 година. Во петокот се договори и со Баскиската национална партија (PNV) да ѝ даде поголема автономија на Баскија, која ќе има статус на „нација“.

„Шпанија ќе има премиер кој купил мандат во замена неговите партнери да не бидат кривично гонети“, рече Фејо.

Следната седмица парламентот во Мадрид, во кој поддржувачите на Санчез сега имаат 179 од вкупно 350 пратеници, треба да гласа за законот за амнестија на организаторите на забранетиот референдум за независност на Каталонија. Доколку овој закон стапи на сила, Пучдемон може слободно да се врати од егзилот од Белгија, кому шпанското правосудство сака да му суди за прогласувањето на Република Каталонија во регионалниот парламент пред шест години, што сепак не беше спроведено.

По усвојувањето на законот за амнестија, следната седмица се очекува гласање за новата левичарска коалициска влада на Санчез. Со оглед на тоа што Санчез има мнозинска поддршка, бидејќи со него се и други левичарски и регионални партии, Шпанија би требало да добие нова влада.

Во неделата, два милиона демонстранти излегоа на улиците во Шпанија, која има 47 милиони жителие, соопшти Народната партија. Техничката влада на Санчез ја процени масата на 450.000 луѓе.

Демонстрантите веруваат дека помилувањето на каталонските официјални лица ќе ги охрабри поддржувачите на независноста во нов обид за отцепување и ќе го загрози интегритетот на Шпанија. По завршувањето на протестите започнати во неделата напладне, дел од демонстрантите со шпански знамиња се упатија кон седиштето на Социјалистичката партија.

Околу 3.000 демонстранти пристигнаа пред зградата на партијата PSOE во Мадрид извикувајќи „Да живее Шпанија“ и „Распишете избори“. Демонстрантите веќе десетти ден доаѓаат на истото место, каде полицијата ги чека со железни огради пред зградата. Во саботата вечерта, 24 демонстранти беа уапсени откако фрлаа тешки предмети и запалија факели кон полицијата.

Доколку владата не биде потврдена овој месец, Шпанците ќе излезат на нови избори во јануари. Шестмесечното претседавање на Шпанија со Евроспката унија завршува на првиот ден од тој месец.

„Во овој комплициран момент, PSOE е во состојба да гарантира соживот меѓу териториите (во Шпанија)“, рече социјалистичката политичарка Конча Андреу. „Шпанија ќе има прогресивна влада“, рече таа.