Шпанската влада праќа илјадници полицајци во Каталонија

Владата на Шпанија донесе одлука да испрати илјадници полицајци во Каталонија на денот на парламентарните избори 10 ноември. Оваа одлука следи по бројните улични протести на радикалните подржувачи на независноста на Каталонија.

На тој начин властите сакаат да спречат нереди на улиците, како неодамнешните кога се повредени околу 600 лица а уапсени 200, пренесува „Ел паис“.

Како што се наведува, ќе бидат распоредени 2.500 полицајци и околу 2.000 припадници на цивилната гарда кои ќе патролираат низ улиците, а според некои извори бројот на полицајци ќе биде многу поголем.

–Распоредивме значителен број на сили од државната безбедност како би обезбедиле мир на денот во кој граѓаните и нивниот глас мораат да бидат во центарот на вниманието – рекол шпанскиот премиер Педро Санчез за телевизијата „РНЕ“.