Шпански наставници по грешка примиле одеднаш шест дози од вакцина против Covid-19

На осум наставници од колеџ на југот на Шпанија поради медицинска грешка им биле аплицирани шест дози од вакцина против коронавирусот, пренесува во понеделникот службената новинска агенција EFE.

Предавачите на колеџот во општината Хелвес, во провинцијата Севилја во автономната покраина Андалузија, биле вакцинирани во петокот. Лекарите по грешка им ги инјектирале целата содржина од шишенцето со вакцината на „Pfizer/BioNTech“, коешто според препораките на производителот и бројните здравствени регулатори ширум светот треба да се подели во шест дози.

Како што рекол за агенцијата еден од наставниците, Висенте Асенсио, никој од нив не покажал особено силни симптоми и во понеделникот сите без никакви проблеми се појавиле на работното место.

Претходно слични инциденти со аплицирање на повеќе дози од вакцината против Cavid-19 одеднаш се случија и во Германија и во Италија и минаа без особени несакани реакции, потсетува агенцијата EFE.

Досега во Андалузија, која е најголемиот шпански регион лоциран на југот од земјата, речиси 30 отсто од жителите постари од 16 години се потполно вакцинирани, а речиси 50 отсто ја примиле барем првата доза.

Во Шпанија, која има 47 милиони жители, повеќе од 10 милиони луѓе ги примиле две дози од вакцината против коронавирусот.