Шпански суд одреди притвор за Османи, обвинет за водач на албанска криминална организација

На 56-годишниот Башким Османи, обвинет дека е на чело на албанска криминална организација којашто од Јужна Америка пренесувала кокаин во Европа, му е одреден притвор откако претходно седмицава од Хрватска ѝ беше предаден на Шпанија.

Османи во средата од Хрватска преку Цирих бил донесен на шпанскиот остров Мајорка под силно полициско обезбедување. Со рацете во лисци одведен е во судот во градот Палма де Мајорка пред кој се собрале новинари, објавија весниците El Mundo и Diario de Mallorca.

Тиражниот дневен весник El Mundo извести дека Османи се бранел со молчење, односно одбил да одговара на прашањата на истражната судијка и на државниот обвинител, по што судијката му одредила притвор поради тешки дела коишто му се ставаат на товар, како и поради можност од бегство. Во притворот ќе остане до продолжувањето на судскиот процес.

Локалниот весник Diario de Mallorca извести дека Османи единствено одговарал на прашањата од својот адвокат отфрлајќи секаква своја вмешаност во незаконски дејствија. Откако беше уапсен во Хрватска, преку адвокатот порача дека е невин и дека не се противел на екстрадицијата во Шпанија.

Османи поседува лускузна вила на западот на Мајорка, во местото Камп де Мар, а истражителите велат дека 35 милиони евра вложил на островот, главно во хотели и италијански ресторани во марината Пуерто Порталс. Иследниците сметаат дека на тој начин „перел пари“ од препродажбата на кокаинот.
На Мајорка во февраури беа уапсени осум лица во рамките на меѓународна полициска операција во којашто учествувале шест европски земји, и во којашто беа уапсени 45 лица во неколку земји во Европа.

„Организацијата имала комплетно воспоставена структура на Мајорка од каде што ‘перела’ пари. Во Германија и во Хрватска, исто така, имале слична структура, односно работи коишто им служеле како параван“, соопшти шпанската полиција по апсењето на 16-ти феврауари.

Во Хрватска се уапсени две лица, од кои едното беше Османи кого шпанската полиција го означила како „главна цел“ на операцијата. Под истрага е и трето лице кое не е уапсено. Идентитетот на преостанати две лице не е објавен. Хрватската полиција направила претреси во три објекта и запленила два пиштола и 56.000 евра во готовина, еден фалсификуван документ и неколку компјутери и мобилни телефони.

Османи пред Мајорка живеел во Германија, а полицијата верува дека бил поврзан со криминална група во пристанишниот град Хамбург.

„Упсените увезувале кокаин од Јужна Америка и го носеле во повеќе европски пристаништа и потоа организирале негов транспорт со авиони, бродови, камиони и автомобили. На тој начин воспоставиле целосна мрежа од местата на набавка до крајната дестинација“, соопшти шпанската полиција.

Додава дека членовите на организацијата често патувале во Дубаи, Мексико и Колумбија каде што „догавареле незаконски дејствија“.

Истрагата започнала во 2018 година кога во Шпанија е уапсено лице кои се смета за високоппозициониран член на таа организација кое и натаму е под истрага. Во јануари 2020 година запленети били 440 килограми кокаин во Барселона каде што биле приведени четворица албански државјани. Во септември 2020-та во Белгија се откриени 2.500 килограми хемиски производи кои се користат за преработка и чување на кокаинот наменет за продажба.

„Полициските агенти веруваат дека големо количество кокаин запленет последните години ширум Европа било поврзано со лица уапсени во оваа акција“, соопшти шпанската полиција.

Во рамките на заедничката операција во Белгија приведени се 30 лица и запленети се 1,3 милиони евра. Пронајдени се и 10 килограми кокаин и 12 парчиња кусо огнено оружје од кои две имале придушували, додава шпанската полиција.