Штипската населба Балканска по 30 години доби вода за пиење

Се заврте вентилот, вода протече низ цевките, аплауз и меѓусебни честитки. Ништо невообичаено кога се пушта водоводна мрежа. Но, ако кажеме дека ова се случува во еден од најголемите градови во Македонија, среде 21 век, тогаш веста можеби е за рубриката – верувале или не. Шестотини жители на штипската населба Балканска добија вода за пиење.

За апсурдот да биде уште поголем, нивните куќи се до брегот на реката Брегалница, а на два километри од филтерната станица. На овој ден чекале, ни помалку, ни повеќе – 30 години.

Задоволни од оствареното, локалните власти ликуваа пред граѓаните. Градоначалникот на Штип вели дека дека ги услишиле молбите на граѓаните и за ова потрошиле 300.000 евра од буџетот на Општината.

Овие жители досега во чешмите имаа само техничка вода, која не смееја да ја пијат. Питка вода добиваа од цистерни или купуваа од продавница. Сега некои од нив велат дека ќе заштедат пари, но некои се загрижени колку ќе плаќаат за овој нов проект во нивната населба.

Во моментов на системот се приклучени околу 200 жители на оваа населба. Во источниот регион проблемот со вода за пиење не е мал. Од бунари пијат многу жители од поголемите села во кочанското поле.

Поразителен е и бројот на државно ниво. Во само 18 проценти од населените места во Македонија има канализациона мрежа. Државата очекува со низа инвестиции, овој процент да го искачи најмалку двојно. Дотогаш, ова ќе биде една од главните причини за иселувањето на луѓето од руралните средини.