Наплив на мигранти, конфликти во соседството, голем должнички товар, недоволно наплатени даноци, загуба на работни места, општа неизвесност – доколку се праша еден просечен германски даночен обврзник денес, на која држава го асоцираат овие феномени, веројатно би ја навел земјата на Хомер.
Доколку истото прашање би му се поставило на еден македонски даночен обврзник, веројатно во мислите би се навратил на деведесеттите години, кога Македонија стана независна држава и беше токму во истата ситуација: Наплив на мигранти, конфликти во соседството, голем должнички товар, недоволно наплатени даноци, загуба на работни места, општа неизвесност. Ситуацијата во тоа време стануваше и уште посложена бидејќи стремежите на Македонија да се приближи до ЕУ и НАТО беа спречени со нелегалното барање на Грција за промена на нашето државно име. Македонија во Атина беше претставена како закана за територијалниот интегритет и безбедност на Грција. Но, дали тоа навистина беше така?
Мора да признаеме дека Македонија на почетокот од својата самостојност како независна држава се соочуваше со големи тешкотии. Нејзината армија не го заслужуваше тоа име, стопанството беше урнисано, додека на другата страна на континентот проектот за европска интеграција ги живееше своите најуспешни години. Германија тежнееше кон тоа предноста од обединета Европа да ја сподели со источноевропските земји. Тоа беше секако и повеќе од разумно: со стабилизирањето на демократиите се ширеше општото чувство на сигурност, а на пазарите им беше препуштена задачата нудејќи различни можности за сите да ја зголемат општата благосостојба.
Грција беше (и се чини се уште) во состојба, за Македонија да ја игра истата улога како Германија за Полска. Но, факт е дека Грција ја играше токму спротивната улога. А таа гласеше: „Ние сме внатре, вие сте надвор – и тоа така ќе остане се додека сметаме дека е потребно“. Блокадата при ЕУ-интеграцијата имаше дестабилизирачко влијание на стопанството и на општеството во Македонија. Истовремено, Грција заземаше стратешка позиција во евроатлантската заедница, земјата беше предводник во искористувањето на европските фондови, уживаше во поддршката на веројатно втората највлијателна дијаспора во светот и мерено според економската моќ, трошеше најмногу пари за одбраната од која било друга земја од Европа. Мерено со сето понапред наведено, ембаргото против Македонија беше само една ситница.
Сега се е поинаку – или сепак не? Грчките претпријатија се во врвот на петте најважни инвеститори во Македонија. Грција е трет трговски партнер на нашата држава. Денес сме согласни дека никој не претставува закана за другиот. Напротив, можностите се многубројни. Македонија е поволна дестинација за инвеститори од областа на економијата, македонската валута во последните 17 години е стабилно поврзана најнапред со германската марка, а потоа и со еврото. Јавниот долг се движи околу 40% од нашиот бруто-домашен-производ и со тоа еден од најниските во Европа. Европскатакомисија предвидува дека Македонија оваа и следната година ќе го има највисокиот пораст во Европа. Но, ниту еден од овие факти не успеа да создаде услови Македонија во изминатата деценија да се приближи до ЕУ и НАТО. Од 2008 година Грција успешно го блокира членството на Македонија во НАТО-Алијансата, иако тоа е поддржано од сите останати земји-членки, барајќи промена на името на државата. Истиот аргумент со години се употребува и во однос на ЕУ-членството, и покрај тоа што Меѓународниот суд на правдата во 2011 година блокадата ја ја осуди како противправна.
Македонците немаат ни малку причина да се радуваат за актуелните грчки тешкотии, исто толку малку колку и Германците. Тешкотиите пред кои е исправена Грција можат да имаат само негативно влијание врз регионот и врз целата Европска унија. Кладбите дека ослабената состојба на соседот отвара можности за себе, се глупави. Во случајот на Македонија, тоа само би покажало дека ништо не сме научиле од грешките на другите. Нашиот одговор на грчката криза од 2010ггодина мора да биде различен од грчкиот одговор на нашата криза, која ја доживеавме во деведесеттите години.
Грција на останатите Европјани може да им покаже дека презела водечка улога при регионалната интеграција. Еден добронамерен став наспроти желбата на Македонија за почеток на преговори со ЕУ би бил поздравен како гест на прагматизам и солидарност. Тоа би одговарало на солидарноста што Грција ден за ден ја добива од ЕУ.
Стабилизацијата на Балканот може да се одвива само преку неговата интеграција во ЕУ. Ништо друго не нуди подобра гаранција за тоа, од еден веродостоен процес на европска интеграција. Токму тоа и недостасуваше на Македонија со години и токму тоа повеќе од се друго и е потребно сега. Пробивот кон почеток на преговорите за членство со ЕУ би ги амортизирале локалните затегнатости и би фрлиле позитивно светло врз земјите-членки на ЕУ од Балканот. Тука Грција ја има можноста да стори нешто за својот углед. Тоа би бил клучот за заокружување на европскиот проект – единствено, слободно и мирно.
Колумната на министерот Попоски е објавена во германскиот престижен весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (FAZ), на 7-ми јули годинава.