Што (не) е точно во објаснувањето на Десковска за номинацијата во Венецијанска комисија?

Откако вчера попладне expres.mk објави дека владата ја номинирала министерката за правда Рената Десковска за нов член на Венецијанската комисија таа јавно призна дека е донесена одлука која што не беше објавена во владиното соопштение а според неа не е спорна.

Во образложението Десковска вели дека има повеќе примери во други држави во кои членови на владата се номинираат за членови на најважната комисија на Советот на Европа.

Таа во обид да ја оправда својата номинација ги споменува Црна Гора, Србија, Романија и Унгарија.

„Земјите кои често праќаат закони на мислење до Венецијанската комисија, избираат да номинираат за свои претставници министри, заменици министри или државни секретари, доколку истите ги исполнуваат условите, заради подиректна соработка со комисијата и целосна и искрена размена на ставови. Таков е примерот на Црна Гора која за свои претставници ги има министрите за правда и за надворешни работи, Србија чиј претставник е заменик министерот за правда, Романија, Унгарија…“ напиша меѓу другото Десковска обидувајќи се да каже дека нема ништо скандалозно во тоа што како член на владата ќе ја преставува земјата во Венецијанската Комисија.

Освен примерите што ги дава преку земји членки на Советот на Европа во оваа нејзина изјава има неколку други фалинки.

Најважно од се е што според статутот на Венецијанската комисија земјите треба да предлагаат независни експерти што Десковска како член на Владата не може да биде ни на сон.

Каков независен експерт може да биде Десковска ако утре Венецијанската комисија расправа за Законот за јазиците, на која страна ќе биде таа тогаш на страна на меѓународното право и стандарди или на страна на нејзината партија и влада?

Пособен проблем е што Десковска е член на влада која што практично започна дипломатска војна против Венецијанската комисија откако нејзиниот шеф Зоран Заев во ноември испрати писмо во кое од комисијата се бара таа да молчи и да не одлучува за работи за кои има апсолутен мандат.

Во исто време владата во која седи со политички интриги се обидува да го отфрли мислењето на експертите за Законот за јазиците што за голем број претставници во Стразбур е навреда за најважното тело на најстарата Европска организација.

Во врска со земјите и членовите на тие земји во Венецијанската комисија има неколку работи кои што Десковска не ги кажува.

Таа прво ја споменува Црна Гора како земја која што има министер за претставник во Венецијанската комисија и тоа навидум е точно но министерката не кажува дека Министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ е член на комисијата уште од 2005 година кога воопшто не бил министер.

Примерот со Црна Гора кој го дава Десковска е проблематичен и поради тоа што Црна Гора е една од ретките земји во Советот на Европа, Европа и светот каде што на власт е една иста партија речиси 30 години.

Примерот со Србија кој што исто така го дава Десковска не стои затоа што не се работи за министер за правда ниту за заменик министер туку за помошник министер во српсата влада. Посебен проблем во српскиот пример на Десковска е што членот на Србија во комисијата Чедомир Бачковиќ има три пресуди за кривични дела за што никогаш не заминал во затвор.

Во врска со примерот на Унгарија Десковска целосно промашила затоа што официјална Будимпешта како свој претставник во комисијата испратиле не министер туку судија во уставниот суд и професор Андраш Варга. Негов заменик е шефот на одделот за уставно право во министерството за правда на Унгарија но тој ни оддалеку не е политичка фигура на рангот на Десковска.

Четвртиот пример што го дава Десковска е Романија чиј претставник не е актуелен туку екс министер.

Тудорел Тоадер бил поранешен министер за правда и судија во уставниот суд а неговиот заменик Богдан Ауреску бил министер за надворешни работи но само до 2015 година.

Текстот е преземен интегрално од порталот експрес.мк