
Врховниот командант на македонската армија, ѓоа министер за одбрана, Зоран Јолевски отиде во работна посета дома, во Америка. Во исто време кога и Фог Расмунсен, ѓоа шеф на НАТО. Јоле со тазе мандат, а Фог во потрага по нов, исто толку креативен – да биде новата леди Ештон во колонизираната колонизаторска ЕУ. Нејсе, и Јоле и Фог оттаму испратија две многу, ама баш многу убави пораки, кои мене лично ми ја стоплија душата. Двете по својата содржина се вистински бисери на демохристијанската вера, полни со божествена љубов и искрено човекољубие, кои напросто пленат. Данецов од НАТО на светов му објасни дека „Русија тргнала да воспоставува свои сфери на влијание (боже златен!), со што тешко ги нарушила меѓу-народниот поредок и право, кои макотрпно биле градени“, а нашиов младич се сретна со Џон Мекејн и од наше име му го пренесе македонскиот љубовен завет дека „Македонија е кредибилен, достоен партнер, кој знае да возврати кон искажаното стратегиско партнерство и пријателство и СЕКОГАШ ќе биде со САД онаму каде што е најпотребно“.
Искрено да кажам, на првата изјава се турив од смеење, имајќи го на ум циничното прашање – констатација на Гринпис, неодамна упатено до генсекот на НАТО, „што шмркате вие таму?“. Но богами, на втората, демек нашава, ич, ама ич не ми беше до смеење. Напротив! Прво, зашто ултраконзервативниот „стрејтер“ Јолевски сосема сигурно не шмрка, па не може да му се одбие на халуциногени ефекти. Второ, зашто ваквите политички изјави дадени на трезно упатуваат на верски фанатизам од кој мене ми се крева коса. Трето, зашто човеков, ако е само министер, веројатно пренесува порака од неговите по устав шефови ем тоа на еден воинствено настроен сенатор, кој со туѓа крв си го пишува својот епитаф. Четврто, зашто говори неовластено од името на цела Македонија сосе целото ѝ население, и тоа без да ја праша ни на избори ни на референдум. Петто, зашто ни отвори перспектива како нација да гинеме за Америка секогаш и секаде каде што ќе биде потребно, а за што одлучува Вашингтон.
Извинете, да прашам која е оваа политика. Како се вика? Каде е осмислена и запишана? А и да не заборавам, дали во рамките на оваа заклетва на верност кон Америка, Јолевски ги има на ум и сите оние живи и мртви „борци“ за „слобода ем демократија“, кои рушат, палат и егзекутираат во Либија, Сирија, Ирак и во Авганистан, а се родум од Македонија. Оние де што се жртви на верското лудило што го продуцира исламот и се вика уште радикален ислам, а кој го тренираат, финансираат, вооружуваат, поддржуваат и инсталираат истите тие наши стратегиски партнери (стратегиските партнери на САД: Саудиска Арабија, Турција, Емиратите, Катар се автоматски и наши по правилото дека пријателот на мојот пријател е и мој), кои, пак, ние верно и докажано кредибилно ќе сме ги поддржувале. Секаде, вклучително и кај нас. Кога ќе нѐ втераат во калифатот, де.
Не верувате? Добро! Прашајте се тогаш кога последен пат сте слушнале некој американски амбасадор што службува во Македонија или ајде да се сведеме временски на последниов во заминување Пол Волерс, значи, кога тој господин дал изјава што посочува на одговорност на т.н. албанскиот (исламски) фактор во вкупните безбедносни состојби во земјава. Нема? Е па, нема! А знаете со сигурност дека албанските политички водачи ни прдеж не испуштаат без да го консултираат американскиот амбасадор, односно без негова наредба.
На пример, во случајот со масакрот кај Смиљковско Езеро, чистокрвен терористички потфат со монструозна намера да прерасне во формален повод за меѓуетничка војна, амбасадорот се јави само за да ја опомене македонската држава да не се занесува дека е вистинска држава, па да го истражува сериозно случајот. Се закани дури дека одблизу ќе го следел текот на дејствата. Потоа ич не се јави да го објасни поведението на својата земја во врска со одбивањето на Косово да не ги испорача двајцата осомничени, кои експресно побегнаа од Македонија, иако Косово е чистокрвна американска воена база со формален назив држава. Е, ама затоа Волерс никаде го нема кога треба да се произнесе за подривачките активности на албанските милитантно-терористички политичко-интелектуални кругови. Тој секогаш непогрешливо ги нишани македонските државни институции. Ним им испраќа ултиматуми, заканувачки пораки со исклучително експлицитна содржина. Тој општи со државата во која службува преку „коминикеа“.
Мене ужасно ме вознемирува тоа што македонската државна политика се гради врз основа на стравот од САД. Штом си блокиран од стравот, не ни можеш да носиш рационални одлуки зашто воопшто не мислиш. За сопствените ирационални одлуки, кои секогаш се штетни, потоа ќе се вадиш на стравот. Затоа и се вели дека држава не се прави со ситни души.
Ајде еднаш да се разбереме: дали е Македонија држава? Ако е, сеедно дали е мала или голема, има да се однесува како држава. Дома и надвор. Во секој аспект од политиката. Јас удрив по Јолевски, ама тој е само обична манифестација, односно кадровско решение по терк на веќе стандардизирано скроена политика на колонија или резерват. Во држава не се даваат љубовни изјави на друга држава ни во време на неформални забави, а камоли во работни или официјални посети. Во држава министер за финансии не слави како државен празник некаков ден на некоја банка (Светска банка), особено не на таква што е дел од „макотрпно создаваниот светски поредок“ со кој САД станаа господар на светот, кој, пак, Русија и Кина сакаат да го срушат со воведување алтернативни валути за сметка на монополскиот долар. Во држава не се слави национален празник на друга држава со огномети и топовски плотуни (и тоа ќе нѐ снајде, ако не се скурдепсаме веќе), шеф на држава не се откажува од чествување на денот на победата над фашизмот, и тоа таму каде што беше дадена најголемата жртва тешка 27 милиони животи под изговор „санкција“. Држава доброволно не учествува во програма на шпионажа на друга држава. Држава не учествува во киднапирање луѓе за потребите на друга држава. Држава нема да си ја руши сопствената енергетска иднина само зашто верно го чека АМБО 2, НАБУКО 3 или РАМБО 4, 5 и 6. Конечно, во држава нема шанси некој амбасадор, во случајов американскиот на заминување, да се рашетува по македонските села и со сесрдна помош на Министерството за земјоделство да пропагира ГМО-програма, да ги тера земјо-делците да потпишат договори што ќе ги обврзат да купуваат генетички модифицирано американско семе, а за возврат да им нудат подароци (генератори, неколку километри долги црева за наводнување и слични шарени стакленца и огледалца со кои почна геноцидот на индијанските староседелци во денешна демократска Америка). Конечно, во држава не може да се води популациска политика за да се подобри демографската слика, а во исто време да се помага за атер на „стратегискиот партнер“ процес на уништување на населението со болести и малформации, кои настануваат од генетичкиот инженеринг на растенијата, животните и животната средина.
Ова е време на големи одлуки. Одлуките се одраз на карактерите на оние што ги носат. Храбрите носат храбри. Плашливците, плашливи. Колебливците, колебливи. Незнајковците, погрешни или глупави. Опулените, тактички, мудри, итри. Тактичарите, внимателни и воздржани. Само верски, политички и идеолошки загулените не носат ништо, ами следат и извршуваат слепо.
Каде и да е, брзо, до крајов на годинава, ќе видиме каде сме кинисале. И дали и нашиве реизбрани политичари заедно со веќе тешко „надуваната“ опозиција почнале да „шмркаат“ од американските опијати произведени во тајните лаборатории во Косово и во Авганистан.
Пишува: Мирка Велиновска за Нова Македонија