Европскиот воздухопловен сообраќај во петокот пријави нарушувања поради штрајкот на француските контролори на летањето, што е причина за откажувањето на повеќе од половината на летовите во Франција.
Штрајковите и недоволниот број вработени изминатите месеци ги принудуваа авиокомпаниите да откажуваат илјадници летови, уништувајќи ги надежите во брзо закрепнување откако речиси двегодишната пандемија на Covid-19 го запре воздухопловниот сообраќај. Во секторот се очекува дека нарушувањата ќе продолжат и есенва.
Синдикатот на контролорите на летањето во Франција – SNCTA, соопшти дека неговите членови прекинале со работа поради влијанието на инфлацијата и неисполнетите барања за дополнителни вработувања.
„Необјасниво е на илјадниците европски граѓани и гости неправедно да им се нарушени плановите за патување со уште еден штрајк на француските контролори“, соопштија од нискобуџетната авиокомпанија „Ryanair“.
Ирската компанија соопшти и дека штрајкот влијаел на 80.000 патници, бидејќи се откажани 420 летови, главно над Франција.
Компанијата „Air France“ во средата објави дека ќе продолжи со само 45 отсто од кратките и средните, како и 90 отсто од долгите летови. Друга нускобуџетна компанија „EasyJet“, соопшти дека откажала 76 летови поради штрајкот.
Штрајкот на француските контролори влијаел и врз соседните држави, па така во Шпанија биле принудени да откажат 65 летови.