Градот Скопје уште во текот на вчерашниот ден, а веднаш по завршување на вонредната седница на Советот на град Скопје изготви одлука за пренамена на средства со кои ќе се исплати септемвриската плата на вработените во ЈСП Скопје, посочуваат од градската власт.
„Иако законскиот рок за исплата на платите е до 15 текот на месецот, дел од менаџментот на ЈСП одлучи дека треба со манипулации и подбуцнување на дел од вработените да го остави градот без јавен превоз со образложение дека се доцни со исплата на плати, денес, градот Скопје изнајде решение за итна исплата на средствата.
Ги повикуваме советниците од Советот на град Скопје уште веднаш, денес, да закажат вонредна седница на Советот како би можело веднаш да се изгласа ова решение и веќе утре вработените во ЈСП да ги добијат своите плати, кои, ќе бидат исплатени во рамки на законскиот рок, а не задоцнети.
Исто така, сакаме да апелираме до оние кои ги инструираа дел од т.н. синдикалци да обезбедат правна помош за истите, бидејќи спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права денес ја попречија работата на ЈСП без притоа да пријават штрајк и да формираат штрајкувачки одбор со што согласно чл.35 од горенаведениот закон се и кривично одговорни.
Одговорност мора да има, па затоа ги повикуваме и членовите на управниот одбор на ЈСП назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат неотповикливи оставки поради доведување во заблуда на дел од вработените во претпријатието и предизвикување на прекин на работните задачи на вработените. Одговорност ќе бараме и од членовите на управниот одбор.
Сакаме да потенцираме уште еднаш, одлуката за пренамена на средства за исплата на незадоцнетите плати е изготвена уште вчера, и затоа апелираме претседателот на Советот на град Скопје да ја закаже седницата во најкус можен рок“.