Во северното предградие на грчката престолнина Атина, под планината Пентели, во вторникот избувна шумски пожар кој поради силниот ветар им се заканува на куќите, предупредија пожарникарите и локалните власти.
„Пожарот е надвор од контрола“, изјави за радиото Skai Јанис Калафателис, градоначалник на Диониза, едно од местата зафатени со пожарот.
Грчката јавна телевизија ERT го прекина редовното емитување на програмата и во живо пренесуваше прилози од општините зафатени со огнената стихија во подножјето на планината Пантели каде што во лето се чести шумските пожари.
Засега ангажирани се вкупно пет хеликоптери и пет канадери. Противпожарната служба соопшти дека ветерот, кој дува со брзина од 38 километри на час, дополнително ги отежнува нивните активности.
Огнениот фронт се протега во должина од „неколку километри“, рече за радиото Skai челничката на местото Пантели.
Сѐ уште не е издадена наредба за евакуација на населението, но властите преку мобилните телефони упатија порака за тамошните жители во кои се вели дека доколку има потреба „да бидат подготвени да ги следат издадените упатства“. Според локалните медиуми, дел од жителите веќе ги напуштиле своите домови.
Поради големите суши проследени со силни веторви, но и поради подметнувања, грките шуми во лето често се зафатени од пожари. Во јули 2018 година во пожарот кој избувна во крајбрежниот град Мати недалеку од Атина, смртно настрадаа 102 лица, а и тогаш стихијата тргна од падините на Пантели.