Швајцарија ќе биде домаќин на мировниот совет за Украина

Швајцарија денеска се согласи да биде домаќин на глобалниот мировен самит за Украина, на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„На барање на украинскиот претседател, Швајцарија се согласи да биде домаќин на самитот за формулата за мир“, соопшти швајцарската влада.

На заедничката прес-конференција со швајцарската колешка Виола Амхерд, Володимир Зеленски не даде опширна листа на учесници на планираниот мировен самит, но посочи кои учесници сака да присуствуваат.

„Отворени сме за сите земји кои го почитуваат нашиот суверенитет и територијален интегритет на мировниот самит, затоа извлечете заклучоци за тоа кого ќе поканиме“, рече Зеленски. За нас е важно да покажеме дека целиот свет е против агресијата на Русија и дека целиот свет е за праведен мир“, додаде тој.
Ниту Зеленски ниту Амхерд не дадоа никакви детали за тоа кога и каде би можел да се одржи самитот во Швајцарија. Тие истакнаа дека нивните тимови ќе започнат со организација во вторник.

Зеленски е во Швајцарија, а треба да се сретне со други светски лидери на Светскиот економски форум во Давос.