Швајцарија ќе го преполови треаењето на карантинот на пет дена за да му помогне на стопанството да се справува со епидемискиот бран предизвикан од омикрон варијантата на коронавирусот, објави во средата тамошната влада.
Овој чекор го одобрија во вторникот швајцарските здравствени власти, во моментот кога десетици илјади луѓе секојдневно се заразуваат со споменатиот позаразен сој на коронавирусот. Властите стравуваат дека епидемискиот бран би можел да го преоптовари здравствениот систем во земјата во којашто две третини од населението е двапати вакцинирано против Covid-19, а 30 отсто ја примиле и третата ткн „бустер“ доза од вакцините.
Владата во средата предложи и до крајот на март да бидат продолжени ограничувањата кои се на сила во јавниот живот, а коишто беа заострени минатиот месец, како и за воведување на задолжителното вакцинирање како во соседната Австрија. Според швајцарската влада, „епидемиолошката ситуација е критична и тешко може да се процени“.
Во Швајцарија очекуваат зголемување на бројот на хоспитализираните ковид-пациенти поради многу големиот број заразени, иако се чини дека омикрон сојот е помалку опасен. Во средата се потврдени 32.881 нови коронаинфекции.
Покусиот карантин ќе започне да се применува од четврток. Тоа е можно, како што објаснуваат стручњаците, поради тоа што во случајот на омикрон сојот покусо е времето меѓу заразата и пренесувањето на вирусот на друго лица.
Од почетокот на пандемијата на Covid-19, на почетокот од 2020 година, досега во Швајцарија и соседен Лихтенштајн се потврдени повеќе од 1,6 милиони случаи на заразата, а починале малку повеќе од 12.000 лица.