Надлежната комисија на швајцарскиот парламент ги одобри измените на законодавството со кои ќе се овозможи извозот од земјите купувачи на оружјето од швајцарско производство во Украина, со што алпската земја прави пресврт во својата долгогодишна политика на политичка и особено воена неутралност.
„Комисијата за безбедносна политика на Националниот совет со 14 наспроти 11 гласа го одобри предлогот и парламентарната иницијатива во однос на реекспортот на воена опрема. Барањата за нереекспорт може да бидат поништени во случаи на кршење на забраната за примена на сила според меѓународното право“, се наведува во соопштението објавено на мрежната страница на швајцарскиот парламент.
Измените во законите ќе ѝ овозможи на швајцарската влада да ја поништи декларацијата за забрана на натамошен извоз за земја којашто набавила воени материјали од Швајцарија. Конкретно, станува збор за случаи кога Советот за безбедност при Обединетите нации ќе констатира повреда на забраната за употреба на сила според меѓународното право.
Истовремено, швајцарската влада ќе може да ја задржи забраната за повторен извоз, доколку испораките на оружјето е спротивно на надворешнополитичките интереси на земјата.
Се додава дека повеќето членови на комисијата сметале дека Швајцарија „треба да придонесе кон европската безбедност и да ѝ пружи поддршка на Украина“.
Според парламентарците, измените се во согласност со швајцарскиот закон за воена неутралност, бидејќи „не овозможуваат директен извоз на воена опрема во зони на конфликтот, туку се однесуваат само на изјавата за забрана на натамошен извоз за земјите кои набавуваат швајцарска воена опрема“.
Истовремено, малцинството парламентарци сметаат дека реекспортот на швајцарска воена опрема во Украина е проблематична од аспект на неутралноста, поточно од принципот на еднаков третман (на страните во конфликт), предвиден со законот за неутралност.
Минатата година Швајцарија ги отфрли барањата на Германија, Шпанија и Данска да одобри натамошен извоз во Украина на различни видови муниција од швајцарско производство. Како што појаснија тогаш швајцарските власти, земјата може да го одбие барањето на доколку земјата за која се наменети е вклучена во меѓународен вооружен конфликт.