Швајцарија дефинитивно стави вето на планот за извоз на речиси 100 стари борбени тенкови „Leopard“ во Украина, повикувајќи се на законот за неутралност, пишува лондонски Financial Times, кој додава дека одлуката е донесена токму во моментот кога укрансиата војка влегува во одлучувачка фаза од офанзивата чија цел е да ги истисне руските сили од југоистокот на земјата
„Ветото на Берн веројатно ќе предизвика гнев кај европските сојузници на Швајцарија, кои со месеци вршеа притисок врз нејзината влада да го ублажи своето рестриктивно толкување на нејзината долгогодишна политика на неутралност“, наведува ФТ.
Тие тенкови никогаш не биле во употреба во Швајцарија, не биле ни наменети за нејзината армија, ниту, пак се наоѓаат во таа земја. Сите 96 се складирани во Италија од 2016 година, кога швајцарскиот производител на оружје Руаг ги купи од италијанската армија во приватна трансакција.
Федералниот совет, седумчлената извршна власт на швајцарската влада, во средата заклучил дека продажбата на тие 96 тенкови на Украина не е можна според швајцарскиот закон, бидејќи тоа би било во спротивност со Законот за воен материјал и „би значело швајцарско отстапување од политиката на неутралност“.
Уште на почетокот од март швајцарскиот весник Tages-Anzeiger објави дека германскиот концерн од наменската воена индустрија „Rheinmetall“ има намера да купи речиси сто тенкови од расходуваните тенкови од моделот „Leopard 1“ од швајцарската компанија „Ruag“, за натамошна испорака во Украина.
Тенкот „Leopard 1“ е првиот тежок борбен тенк направен за германската армија Бундесверот по Втората светска војна. Од 1965 година до средината на 1980-те произведени се 4.700 тенкови од овој модел, кој е на нивото на застарените советски тенкови кои веќе ги загуби Украина во изминатата година од војната. Бундесверот уште пред 20 години го повлече од употреба и последниот „Leopard 1 A5“.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во текот на ненајавената посета на Киев во првата седмица од февраури изјави дека заедно со неколку европски земји е договорена испораката на 20 до 25 тенкови „Leopard 1 A1 до летото а до 80 до крајот на 2024 година, со цел да се достигне бројката од повеќе од 100 во текот на првиот или вториот квартал истата година.
Според написот во Tages-Anzeiger уште во 2016 година швајцарската компанија „Ruag“ купила 96 тенкови „Leopard 1 A5“ кои претходно биле веќе во употреба. Тие тешки борбени возила биле произведени во Италија, каде што сѐ уште се наоѓаат. Швајцарскиот концерн планирал или целосно да ја препродаде техниката или, пак, како резервни делови. Сега, според медиумските извештаи, старите тенкови се барани поради војната во Украина.
Уште во март швајцарскиот државен секретаријат за економија (SECO) од правни причини ставил вето на спроведувањето на оваа трансакција. Ден претходно германското Министерство за одбрана потврди дека испратило официјално барање до владата во Берн за купување на швајцарските залихи од тенковите „Leopard 2“. Истовремено, швајцарските власти добиле уверување дека тие тенкови нема да бидат испорачани на армијата на Украина, бидејќи „Бундесверот се стреми да ги подобри своите резерви“.
На крајот на јануари комисијата на швајцарскиот Национален совет ја одобри иницијативата којашто одобрува реекспорт во Украина на воената опрема произведена во Швајцарија. Подоцна комисијата за безбедност при Советот на кантоните се спротистави на тој предлог. Сега претстои дискусии за одредбите во прописите од оваа тема во двата дома на парламентот, а швајцарската влада, исто така, допрва треба да ги искаже својот став.
Швајцарија, повикувајќи се на своето начело за воена неутралност, претходно редовно ги одбиваше барањата од Германија, Шпанија и Данска да одобри реекспорт на муницијата произведена во нејзините одбранбени капацитети за Украина. Берн може да одбие да одобри реекспорт на воена опрема и техника доколку земјата за коишто се наменети е вклучена во меѓународен воен конфликт, истакнуваа досега швајцарските власти.