Шведска спротивно од СЗО, нема потреба да се носат маски

Водечкиот едипемиолог во Шведска денеска изјави дека сè уште нема потреба да се носат маски во земјата, и покрај тоа што има повеќе од 7.000 смртни случаи од почетокот на епидемијата на  ковид-19, еден ден откако СЗО издаде препораки за поширока употреба на маските.

СЗО вчера објави дека луѓето, вклучително и деца постари од 12 години, секогаш треба да носат маски во продавници, работни места и училишта каде што не е можно правилно да се проветруваат просториите, како и кога гости пристигнуваат во домот на граѓаните во слабо проветрени простории.

Шведската здравствена агенција, која стои зад шведската стратегија против затворање, ги отфрли препораките за носење маски, повикувајќи се на слабите докази за нивната ефикасност и стравувања дека маските може да се користат како изговор против изолацијата кога ќе се појават симптомите.

– Можеби се потребни маски за лице во некои ситуации. Овие ситуации сè уште не се појавиле во Шведска, со оглед на нашиот договор со регионите – рече Андерс Тегнел, водечкиот шведски епидемиолог, на денешната прес-конференција.

– Сите досегашни студии сугерираат дека е многу поважно да се одржува растојание отколку да се носи маска – рече Тегнел.

Премиерот Стефан Лофвен денеска објави дека средните училишта ќе се префрлат на онлајн часови до крајот на годината во обид да се борат против сериозниот втор бран на коронавирус.

Шведска денес потврди нови 35 жртви на ковид-19, со што вкупниот број на починати достигна 7007. Исто така забележани се 6.485 нови инфекции во изминатите 24 часа, а пред помалку од две недели биле потврдени 7.240 инфекции.

Стапката на смртност по глава на жител во Шведска е неколку пати поголема во споредба со нејзините нордиски соседи, но пониска од неколку европски земји што одлучија да се затворат.