
Шведската социјалдемократска премиерка Магдалена Андерсон во средата го призна поразот на парламентарните избори во неделата, предавајќи го водството на десниот блок кој го сочинуваат четири партии.
Сѐ уште не се преброени сите гласови, особено оние пристигнати по пошта, но Андерсон која минатата година стана првата премиерка на Шведска во историјата, изјави дека резултатите покажуваат дека победил десниот блок.
„Поради тоа, утре од претседателот на парламентот ќе побарам да ја напуштам својата функција“, изјави премиерката на конференцијата за медиумите.
Партијата Умерени, Шведски демократи, демохристијаните и либералите по изборите во неделата би требало да имаат 176 пратеници во парламентот со 349 мандати. Левиот блок освоил 173 места, според моменталните резултати.
Резултатите од изборите претставуваат пресврт во шведската политика, бидејќи првпат дел од власта треба да станат противемигрантските Шведски демократи, кои досега беа игнорирани од сите други партии откако првпат влегоа во парламентот во 2010 година.
Шведски демократи се на патот да освојат 20,6 отсто гласови, со што ги минаа Умерената партија кои имаат 19,1 отсто и станаа најголемата партија во десницата.
Иако партијата на Улф Кристерсон е послаба според резултатите, челникот на Шведските демократи Џими Акесон нема толку способност да добие широка поддршка за да ја замени социјалдемократската премиерка.