Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, предупреди во саботата дека последиците од планираниот шести пакет санкции на Европската унија за руските енергенси ќе бидат како „нуклеарна бомба“ за енергетската безбедност и економијата на Унгарија.
Сијарто на социјалните мрежи напиша дека „бриселскиот пакет“ би значел дека цената на горивото ќе скокне на 700 форинти за литар, што е 1,83 евра, а на дизелот на 800 форинти, што е 2,09 евра.
Истакна дека Унгарија нема да поддржи ваков пакет санкции, пренесува унгарската новинска агенција MTI.
„Нема да дозволиме Унгарците да ја платат цената на војната“, наведува Сијарто.
Британските медиуми во петокот објавија, цитирајќи три неименувани извори од ЕУ, дека Европската комисија предложила промени во планираното ембарго на руската нафта во обид да ги придобие земјите-членки кои велат дека не можат да го поддржат предлогот.
Изменетиот предлог се однесува на давање повеќе време на Унгарија, Словачка и Чешка да се прилагодат на ембаргото и давање помош за подобрување на нивната нафтена инфраструктура, наведоа извори од ЕУ.
Во саботата, такво одложување на воведувањето на нафтеното ембарго побара и Бугарија, заканувајќи се во спротивно со блокирање на носењето на пакетот санкции. Според медиумите, и други земји на ЕУ разгледуваат можност да побараат одложување на воведувањето на забраната за увоз на руските енергенси.