Гуруто на една секта во Сибир кој три децении предводеше мноштво следбеници кои го сметаа за реинкарнација на Исус Христос, е одведен во притвор во средата, ден по неговото приведување.
Сергеј Тороп, сега како Висарион или попознат како „Сибирскиот Исус“ кој се претставувал како син на Исус, , е поранешен полицаец кој во 1991 година основал култ во населба која во тајгите ја подигнале неговите следбеници во округот Курган, во регионот Краснојарск.
Руската полиција го привела во вторникот, а денеска му е одреден двомесечен притвор, според одлуката на судот во Новосибирск, како и за двајцата негови најблиски соработници Вадим Редкин и Владимир Вереников.
Сите тројца се осомничени за формирање религиозна заедница чијашто активност ја спроведувал преку насилство над луѓе. Односно, обвинети се дека ја користеле сектата за да изнудуваат пари од следбениците, како и дека вршеле психолошко насилство над нив нанесувајќи им и здравствени последици.
Тороп по одлуката на судот да му се одреди притвор изјавил за новинарите дека не се согласува со обвинувањето. Тој ги довел во прашање изјавите на лицата кои го пријавиле, додавајќи дека некои од нив никогаш не ги видел, некои ги водел пред 15 години како и дека последните години тројца од пријавителите „постојано правеа некакви тешкотии, се жалеа насекаде“.
Тороп, или Висарион, изминатите години привлекол илјадници следбеници во изолираната област на Сибир за да создаде „нова Ноева арка и да го спаси човештвото од катаклизмата којашто ја предизвикува човекот“. Во неговата „Црква на последниот завет“ следбениците тврдат дека живееле самодоволни и во склад со природата, отфрлајќи го месото, алкохолот и пушењето.
Соомничениот Редкин, пак, е поранешен рок-музичар кој често се појавувал како портпарол на Висарион и на сектата. Ведерников бил шеф на приватното училиште во кое учеле децата на припадниците на оваа заедница.