Силјановска Давкова: Никогаш нема да разговарам за Уставот, без претходно да се договорам со Владата и со Собранието

Во рамките на кампањата за претседател на Република Македонија на кандидатката проф. д-р. Гордана Силјановска- Давкова се одржа митинг во Гостивар. Во својот говор Силјановска Давкова порача:

„Моето прво ветување до граѓаните е следново: Никогаш нема да одам на преговори, никогаш нема да разговарам за Македонија, никогаш нема да разговарам за Уставот, без претходно да се договорам со Владата и со Собранието за тоа! Не, без да имам тези на хартија, без да имам варијанти и предлози. Не! Во спротивно, вие сте политичка вејка. Па тогаш, тоа што ќе ви го издиктираат, ќе го донесете овде како тројански коњ. А, потоа дури и ќе тврдите дека сте учествувале во неговото креирање. Тоа е неодговорен претседател! Тоа е неодговорен премиер! Тие се восхитени од средбите со странските државници бидејќи не се почитуваат себе си. А, не се почитуваат зашто нема што да почитуваат во себе. Ним луѓе со интегритет и дигнитет им пречат“, вели Силјановска – Давкова.

Додаде дека покрај консултациите со Владата, бидејќи меѓу двете глави мора да има секогаш дијалог, компромис и заедничка политика, ќе се советува и ќе настапува и пред пратениците.

„Сите парламенти се главни креатори на политиките, и на надворешната и на безбедносната политика. Таму треба да оди претседателот! Не само како Дедо Мраз пред Нова година, туку многупати!, за да праша: – Со каква политика, со каква платформа, со каква стратегија да настапиме? Регионална, европска или меѓународна? Секој ден се заблагодаруаат по трибините за разбирањето за „тешките државнички“ политики. Но,повеќе од 70% од граѓаните велат: – Не е точно дека таквите политики се во наш интерес. Тоа се политики кои ние не ги одобруваме“, потенцира Силјановска – Давкова.