Силјановска: МНР не може да погоди знаме или химна на друга држава, не знам дали е тоа европски профил

-Тие кои повикуваат на обединување го поларизираа општеството. Костур на државата е администрацијата, клучниот субјект во европските реформи е администрацијата. Имаме министерство кое не може да погоди знаме или химна на друга држава, не може да упати пристојно сочувство до починатата кралица, не знам дали тоа е европски профил на министерство, изјави во „Само интервју“ на Канал 5, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

Таа истакна дека во извештајот на ЕК пишува дека ниту една од препораките не е реализирана, дека нашата администрација страда и дека погрешни луѓе се на погрешно место, дека не се донесени клучни закони како закон за висока одговорна служба, нема измени на закон за реформи во администрацијата.

– Ако стручноста и компетентноста не се клучни, ние ќе стоиме во место. Не помагаат рамковни договори тоа се само пароли. Ако не направиме департизација, ако не ги отвориме конкурсите за сите регулаторни, струни тела, агенции за цела јавна администрација ние умните луѓе ќе ги отстапиме на други држави, тука најпогрешните луѓе се на највисоки функции во сите министерства, тргнете од евроинтеграции, некогаш во тоа имаше умни луѓе заминаа надвор и сите си заминаа. Нас ни требаат такви реформи, истакна Силјановска Давкова.

Во однос на повиците на министерот Османи, дека ни треба рамковен договор за ЕУ, таа потенцираше дека не може на тој начин да обезбедат двотретинско мнозинство и дека Османи е познат по пароли со бројки, да измислува договори, рамки и тоа е недостиг на вистински концепт, вистински став, тоа се повици зад кои не стојат државници, иако така сами сакаат да се нарекуваат.
Ова е уште една потрошена парола. Бујар Османи досега најмалку се занимавал со тоа што му е надлежност, со надворешна политика. Тој е министер, тоа е функција, не е мисионер, а мисијата треба да му биде правна, нагласи таа.

Дали може да има единство околу законот за здруженија и фондации, Силјановска Давкова посочи дека тука нема да има ништо, затоа уште сега се гледа негодување кај власта.

– Нема да биде тука ништо, сигурна сум дека ќе стигне закон од владата, веќе слушаме дека не можело законот да има ретроактивно дејство. Уште во моментов има уставен и законски однос да се поништи регистрацијата на здруженијата и сите правници им го кажуваат тоа, изјави Силјановска Давкова.