Шилегов пушти во употреба булевар изграден од ВМРО-ДПМНЕ

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов денеска пушти во употреба булевар изграден од ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од партијата на неговата изјава дека не знаел што е правено во минатото во Скопје.

Булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ е проект кој е започнат во период кога со Град Скопје управуваше Коце Трајановски. Дури 90 отсто од булеварот се изградени од претходникот на Шилегов, а Шилегов цели 11 месеци не може да ги заврши преостанатите десет. И кога ќе изјави Шилегов дека не знае што се правело во минатото во Скопје, очигледно тоа е само за камерите, а не му пречи да присвојува туѓи проекти. Шилегов е неспособен да заврши нешто што е речиси завршено и изостава недовршен мал дел поради пречки во градбата на овој булевар, како далновод за кој е изготвена документација, и водоводна цевка за која има изготвено решение. Овие два проблеми се решени и не постои изговор за да не се доврши преостанатиот мал дел од булеварот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, граѓаните се осудени да ја трпат неспособноста на Шилегов, па жителите од Бутел, Радишани и околните места кои гравитираат таму се приморани да трпат голем сообраќаен метеж и долги колони на возила.

Шилегов наследи изготвено сообраќајно решение за улицата Боца Иванова која се поврзува со кружниот тек кај булеварот Х.Т. Карпош. Сообраќајниот хаос наместо да е предизвикан од градежна механизација, беше предизвикан од Петре Шилегов и неговото неработење. Шилегов наследи и готов проект за втората фаза од изградбата на булеварот, но не распиша тендер. Нераспишувањето на тендер е само поради тесни политички интереси, за да може Шилегов да зборува дека булеварот не води никаде, велат од ВМРО-ДПМНЕ.