Силјановска Давкова: Со ВМРО-ДПМНЕ се најдовме на линијата дека треба да се почитува правото и правдата

Сигурна сум дека народот ќе ме поддржи, рече Гордана Силјановска Давкова, претседателскиот кандидат од ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето на емисијата 360 на АлсатМ телевизија, говорејќи во контекст на тоа дали ќе ја поддржи членството на ВМРО-ДПМНЕ, кое, како што таа посочи, поддржува десни конзервативни ставови, а таа поддржува либерална идеологија.

„Ако имаше дилеми сега веќе ги нема за поддршката. Право, правда, владеење на право, еднаквост – нив ги нема и тука ќе нема никаков проблем да се најдеме за да добијам поддршка“, рече Силјановска говорејќи дека таа е либерал, пред сѐ, кога станува збор за правата и слободата на граѓаните.

Објасни дека дополнително во полза е фактот што живееме во свет на дезидеологизација, или свет каде е тешко да се каже што е лево, што е десно.

Силјановска се осврна на предлог законот за абортус. Рече дека не може да одговори дали ќе го потпише указот на законот пред да го види конечниот текст на законот. Според неа, жената има право да размисли за абортус и да се консултира како што тоа го предвидува постојниот закон, но дека најважно е како ќе одлучи жената.

„Треба да има време да се размисли, но некој ако решил да абортира ќе абортира, рече Силјановска

За тоа кога се работи за заедницата меѓу маж и жена за ваков закон треба да се изјаснат граѓаните на референдум, посочи Силјановска.

 

Никогаш нема да го употребам името Република Северна Македонија

Како тоа комисии расправаат за историски личности, што да славиме заедно, запраша Силјановска Давкова, кандидат за претседател. Во контекстот на сменетите имиња на институции и новите табли таа рече „нема да ги симнувам натписите, но јас никогаш сама нема да употребам Република Северна Македонија“.

Пресудата од Хашкиот суд која беше во полза на Македонија ја игнорираа политичари, ние сега, потенцираше Силјановска, зборуваме за задолжитено меѓународно право кое ако не е почитувано тогаш се е ништожно.

По Договорот од Преспа сменет е идентитетот!

„Кога велам дека Преспанскиот договор е лош тоа не е политичка оценка, тоа е резултат на студија објавена на македонски и англиски јазик. Преспанскиот договор се заснова на кршење на Уставот на РМ, постапките не се во рамки на деловникот, правото“, посочи професорката Гордана Силјановска Давкова.

„Консултативниот референдум за прашање во кој прво се зборува дали сте за ЕУ и НАТО ? За ова Уставот не познава консултативен туку само задолжителен референдум. Преспанскиот договор е дури на крајот на прашањето“, посочи Силјановска.

Говорејќи за референдумот од 2018 година, таа прашува ако тој референдум бил успешен, дали значи дека и референдумот од 2004 година за територијалната поделба бил успешен кога повеќе од 95 проценти рекоа не за новата територијална, а беше прогласен за неуспешен зошто немаше потребен процент на излезност.

Според неа не може да се прави паралела со земји како Швајцарија бидејќи таму уставот е устав, законот е закон и се почитува. Но, како што укажа тоа не е случај во Македонија, како за референдумот, така и за многу други постапки и законски решенија како на пример Законот за амнестија, посочи дека се надвор од правото.

Силјановска посочи дека со Преспанскиот договор многу работи се менуваат.

„Јас сум растела и сум го градела идентитетот во Република Македонија. Сте слушнале ли дека соседот треба да ви признае јазик. Ако ви го смениме името или го смениме моето од Гордана во Јордана тогаш се менува целиот идентитет. Во мојот идентитет е многу сменето ќе треба да вадам документи со ново име, треба да се лажам каде сум родена. Целиот мој идентитет немал ништо со Република Северна Македонија“, објасни Силјановска.