Силниот земјотрес почувстуван во Скопје бил со магнитуда 6,4 со епицентар во Драч

Прилично силен земјотрес неколку минути пред 4 часот во вторникот беше почуствуван во Македонија, а епицентарот според првичните информации бил во Албанија, 34 километри северозападно од главниот град Тирана.

Според првичните информации од американскиот гоелошки центар USGS, земјотресот со магнитуда од 6,4 степени по Рихтер е со епицентар кај Шијак крај градот Драч во областана албанскиот јадрански брег, а поместувањето на почвата е на длабочина од околу 20 километри.

Силниот подземен удар беше почувствуван во пошироката околина на Скопје, околу 3,54 минути.

Земјотресот бил во траење од триесетина секунди и бил посилен од вообичаените тресења на почвата забележани во предходните месеци.

Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар EMSC, десетина минути подоцна во истото епицентрално подрачје кај местото Воре е регистриран потрес со магнитуда од 5,3 со епицентар на длабочина од 10 километри. Веројатно станува збор за афтершок по главниот потрес.

Засега нема информации за евентуални материјални штети и настрадани

Подрачјето на Драч беше погодено од силен земјотрес со магнитуда од 5,8 според Рихтер и на 21-ви септември. Тогаш беа пријавени големи оштетувања на голем број јавни објекти и станбени згради, вклучително и во главниот град Тирана.