Синдикатите бараат ПЦР тестовите за невакцинираните во администрацијата да биде на сметка на работодавачот

Mерката за примена барем една доза вакцина или ПЦР тест да стапи на сила 15 дена од донесувањето, да бидат дадени два слободни денови од денот на примањето на вакцината, за тие што планираат да се имунизираат и за оние кои нема да се вакцинираат ПЦР-тестовите да бидат на товар на работодавачот.

Ова се предлозите кои вечерва претставниците на синдикатите му ги доставиле на министерот за здравство Венко Филипче на средбата, во пресрет на утрешната владина седница, на која ќе се разгледаат новите предлог-мерки за справување со ковид-пандемијата.

Претседателот на Сојуз на синдикатите Дарко Димовски по средбата изјави дека на средбата ги образложиле своите барања.

„Баравме одлагање на мерките од 15 дена со цел да разговараме со членството и да кажеме дека јавното здравје е пред се. Јас лично сум вакциниран и не гледам зашто и другите да не се вакцинираат. Но наш проблем и проблем на работниците беше чив ќе биде товарот за тие што нема да сакаат да се вакцинираат и ќе мора да спроведат ПЦР тестови, односно кој ќе плати за тие ПЦР тестови за да можеме ние да продолжиме со работниот процес“, изјави Димовски.

Министерот најави дека исто така дека е предложено задолжителната вакцинација на работното место да важи и за приватниот сектор.

Со претседателот на синдикатот за здравство, исто така, била утврдена правната основа врз основа на која може вакцинацијата кај здравствените работници да биде задолжителна, а тоа се одредбите во правилникот за имунопрофилакса, имајќи ја предвид специфичноста на ситуацијата, врз основа на кој сите здравствени работници во наредните 30 дена би се вакцинирале.

„Сите овие нивни предлози ќе ги дискутираме на утрешната седница на Владата“, изјави Филипче.