Синдикалните организации кои ги застапуваат вработените во јавниот сектор испратија последна опомена до Владата. Доколку не им се исполнат нивните барања, од 26 април секој ден ќе протестираат на улица. Во 16 часот пред Собранието на Македонија, а еден час потоа ќе се упатуваат до владината зграда на Илинденска. Главното барање на синдикалците им е бодот да им се зголеми на 103 денари бруто од сегашните 92 денари. Врз основа на бодот, се пресметува колкава ќе биде платата.
„Платата во износ би била: Г – категорија најмалата плата би била 18 илјади и 300 денари, но кај другите ќе се задржи распон на платите помеѓу другите работници во јавниот сектор, што се во категорија Б и категорија В. Во спротивно сите се доближуваат еден до друг и распонот на платите паѓа на 1.000 до 2.000 денари помеѓу тие со средно образование и тие со високо образование“, рече Благоја Ралповски претседател на Конфедерација на слободни синдикати.
Синдикалците велат дека термините за одржување на протестите не се случајни, односно незадоволството ќе се изразува по работното време поради притисоците и заканите од откази кои зачестиле во последниов период. Таков е примерот на Стојче Јовановски кој е полицаец од затворот Шутка. Поради синдикални активности, вели дека добил втор отказ од работното место, но и двата не се правосилни. Верува дека по судски пат ќе си го задржи работното место.
„За неизвестување ме бркаат од работа заради синдикална активност. Тоа е сè со цел да се изврши притисок врз нас, заради претходните протести и идните кои следат. Сакаат да се покаже еве на синдикалниот лидер што му се случува, замислите што ќе ви се случи и на вас“, изјави Јовановски.
Синдикалците упатија денеска и апел до пратениците, да не го гласаат предлог-законот за работни односи со кој платата на административните службеници ќе им се зголеми од 100 до 300 денари месечно. Овие суми, според борците за работнички права, се понижувачки и навредливи.