Синдикатот на МКЦ бара надлежните институции да најдат решение за повеќегодишно хонорарно ангажираните лица

Сметаме дека забраната за исплата на други исплати важи исклучиво за буџетските средства, а не и за располагањето со средствата обезбедени како сопствен приход” – стои во барањето на Синдикалната организација на МКЦ доставена до надлежните институции, директорот и Управниот одбор на институцијата

Во текот на вчерашниот ден, 6 март се одржа состанок на Синдикалната организација на МКЦ со цел изнаоѓање на решение во врска со последните случувања во институцијата за непродолжувањето на договорите на 30-тина повеќегодишни хонорарно ангажирани лица.

На состанокот, вработените во ЈУ Младински културен центар како синдикална организација по консултација со правни лица, доставија барање до Државната комисија за спречување на корупција како најповикана институција, Градот Скопје, Министерството за култура, Советот на Град Скопје како и директорот и Управниот одбор на МКЦ со диференцијално толкување на спорниот член поради кој не беа продолжени договорите на хонорарно ангажираните лица во МКЦ, а поради кој е попречено нормалното функционирање на институцијата.

„По препорака на Државната комисија за спречување на корупција за примена на член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик, договорите на 30 лица кои беа хонорарно ангажирани Младинскиот културен центар Скопје не им се продолжени. Со оглед на тоа дека со ваквата препорака и подоцна донесена одлука, редовно ангажираните 30 лица остануваат без работа и се оневозможува понатамошното вршење на дејноста на Младинскиот културен центар Скопје, должни сме да укажеме на одредени законски одредби кои или не се земени предвид или истите погрешно се протолкувани, а кои треба да доведат до сосема поинаква препорака.

Согласно посочениот член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик, изборот на Претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.

Меѓутоа, согласно Законот за буџетите, буџетот на единките корисници се состои од основен буџет, буџет на донации, буџет на заеми и буџет на самофинансирачки активности. Согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, признавањето на приходите и другите приливи, расходите и другите одливи содржани во главната книга на буџетите и на буџетските корисници се спроведува според сметководствено начело на парично искажување. Согласно член 18 став 4 од посочениот закон, приходи од член 18 став 1 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници се наплатените приходи остварени по видови извори согласно со Законот за буџетите и Правилникот за класификација на приходите, како и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи), приходи од кирии и закупнини, приходи од донации, приходи од кредити и позајмици и неданочни приходи.

Од овие законски одредби јасно произлегува дистинкцијата помеѓу доделените буџетски средства и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи) со кои институцијата слободно може да располага заради остварување на своите активности и генерирање дополнителни приходи дури и по донесување на одлуката за распишување на избори, кое нешто го има вршено и Младинскиот културен центар преку ангажирањето лица по договори за дело заради функционирањето на Киното Милениум, Планетариумот, Бифето, програмата и слично.

Оттука, сметаме дека забраната за исплата на други исплати важи исклучиво за буџетските средства, а не и за располагањето со средствата обезбедени како сопствен приход” – стои во барањето на Синдикалната организација на МКЦ доставена до надлежните институции, директорот и Управниот одбор на институцијата.

Во барањето стои и фактот што одредбата со забрана за располагање на буџетски средства за време на изборниот процес е укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија на 17.05.2017 година, каде меѓу другото, Уставниот суд вели дека законодавецот во ниту еден закон го нема дефинирано поимот “располагање со буџетски средства”. Законска дефиниција на поимот располагање со буџетски средства не е содржана ниту во Законот за буџетите, ниту во законите за извршување на буџетите што се донесуваат секоја година, ниту пак во други закони од финансиската област.

Од сето изнесено, јасно е дека со забраната за располагање со буџетски средства предвидена не е и не може да биде опфатено располагањето со сопствените приходи, вклучувајќи ги и исплатите од сопствени средства по договорите за дело за физички лица кои континуирано помагаат за вршење на сопствените активности на Младинскиот културен центар од многу поодамна.

Заради избегнување далекусежни последици по Младинскиот културен центар кои може да се рефлектираат како целосно замирање на културно – забавниот живот на градот, кратење на можноста за извршување на редовните активности и обезбедување средства од овие активности, како и обезбедување минимална егзистенција за физичките лица кои веќе повеќе години се ангажирани врз основа на договори за дело, Синдикалната организација на МКЦ испрати барање за нова препорака до директорот каде ќе биде наведено дека Младинскиот културен центар Скопје има право да ги користи средствата обезбедени од сопствени приходи согласно свое наоѓање, односно за континуирано вршење на сопствените програмски активности и за време на предизборието, затоа што животот и за време на избори сепак тече.

Искрено се надеваме на итна реакција од повиканите и надлежни институции, како би можело повторно да се врати нормалното функционирање на МКЦ, велат од МКЦ.