Синдикатот на полицијата на Македонија, СПМ, реагираше до МВР во врска со две кривични пријави поднесени за вработени во СВР Велес и во СВР Битола. Според синдикатот, со ова МВР се обидува да ја оцрни и целосно да ја сопре работата на синдикатот.
Според обвинението на МВР пак, О.К., еден од обвинетите, со фалсификување на лажна пријава убедувал полициски службеници да става потпис на пристапници за полициски синдикат под кратенката НСП, а со цел да се стекне со противправна имотна корист, во време кога денешниот синдикат СПМ не бил уште формиран. Другиот обвинет му помогнал на првиот во изработката на фалсификатите и во измамата.
Синдикатот СПМ остро реагираше на овие наводи. За нив кривичната пријава е измислена за да се оцрни синдикатот и за да се запре неговата работа. Тие реагираат дека основачите на СПМ биле испрашувани како да се најголеми криминалци „со цел да се прикажт непостоечки незаконити дејствија, а дел од наши членови се сомневаме дека имаат дадено најверојатно можеби и лажни изјави за наводно пополнети пристапници“.
Од СПМ напишаа:
„На крај ќе прашаме дали е вистина дека на сите вмешани високи структури во СВР Велес кои добија задача на секаков начин да му наштетат на СПМ и да се мешаат во синдикалното делување претходно им е ветено унапредување на повисоки места доколку по секоја цена поднесат КП против СПМ?
Денешниот ден и упадот во синдикалното организирање преставува атак кој ние како Синдикат нема да го заборавиме и простиме. Напротив ќе ги преземеме сите мерки и дејствија за да ја докажеме вистината.
Синдикат на Полиција во Македонија и понатаму ќе истрае во борбата за подобри услови и права во Полицијата. Едно е јасно: Нема да нè замолчите!
Го повикуваме премиерот Ковачевски, надлежните институции, амбасадите да преземат мерки и да го запрат ваквото незаконско дивеење и поднесување на неосновани пријави кои имаат единствена цел за оцрнување на Синдикат“, стои во рекацијата на СПМ.