Делегатите на синодалниот совет кој расправаше за реформи на Католичката црква со големо мнозинство гласови го усвои во четвртокот текстот со кој се бара ублажување на условите за свештениците, извести службената германска новинска агенција DPA.
За споменатиот заклучок гласале 179 делегати, 10 биле против, а 16 биле воздржани. Го поддржале и речиси 90 отсто од бискупите, односно 44.
Врз основа на овој заклучок од поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск ќе се бара да испита дали е можно да биде укината обврската за целибатот за свештениците.
Истовремено, синодалниот совет изразил разбирање за целибатот како начин на живот. Во дискусијата монахињата од бенедиктинскиот ред Филипа Рат, која е претставничка на црковните редови, говорела за „исполнувањето“ коешто многу религиозни луѓе ја пронаоѓале во таквиот начин на живот.
„Не живееме сами, туку во заедница“, рекла Рат.
Повеќе од делегатите се осврнале на проблемот со свештениците кои живеат двоен живот поради тајните врски. Претставникот на католичките лаици рекол дека сака „поштедување од таквата судбина младите луѓе кои се чувствуваат повикани на свештеничкото звање“.
„Губиме премногу луѓе“, предупредил хамбуршкиот надбискуп Штефан Хесе.