На последната турнеја во Австралија на македонската етно група „Синтезис“ Македонците на овој континент повторно беа почестени со нивната божествена музика. На концертот во ноември во полната сала на Factory Theatre во Marrickvile во Сиднеј групата се претстави со музика од нивниот последен албум наречен Остров и со нивните најпопуларни нумери испеани од создавањето во 1995 до денес.
Незаборавен концерт преполн со емоции, со изворни македонски песни песни од прекрасните вокали на Анета , Билјана и Сузана. Изворните ноти прекрасно изведени од Гоце, Марјан, Ване, Радослав и незаменливиот маестро Гоце Димовски ја воодушевија публиката која играше и пееше повеќе од три часа.
Вокалистките блескаа во новите креации на Ношпал со традиционалните македонски бои и накит. Инструменталистите со себе понесоа повеќе инструменти. Радослав Шутевски беше позади со своите тапани, горд на групата што ја создал пред 24 години.
Салата се исполни со македонска етно музика со ноти на џез, со ноти на нешто ново и космичко во исто време старо и традиционално. Следеа вокални интерпретации за чии квалитети се изјасни публиката преку своите реакции на воодушевување. Зурлата на Гоце Димовски ја држеше публиката на нозе и многумина со солзи на очите.
Synthesis потврди дека ѝ останува верен на македонската традиција. Музичарите на групата потврдија дека се длабоко мотивирани да останат симболот на еден мал источен свет, наречен Македонија. Со своите забележителни настапи тие го прават тој остров сосед на целиот свет. Во Австралија нивниот настап значи многу повеќе од музички. Тие се мост по кој чекори суштинското на македонскиот народ, каде што нема место за политичари, религиозни недоразбирања и економски дискриминации.
„Синтезис“ во рамките на турнејата по Австралија имаше средба и со членовите на МКУД „Илинден“ во Сиднеј. Освен „мастер клас по зурла, кавал, тапани, гајда, тамбура и тарабука, невозможно е на ваква средба на Македонци да не се испее култната „Македонско девојче“.
„Синтезис“ со „Илинден“ ја изведоа „Македонско девојче“ и при тоа потсетија на песната без која не може да мине ниту една средба на Македонци.