Сириската армија ја преземала контролата над Хан-Шејхун, кон кој се движи турскиот конвој

(Murat Kibritoglu/DHA via AP)

Провладиниот сириски весник al-Watan објави во понеделникот доцна вечерта дека сириската армија ја преземала целосната контрола врз градот Хан-Шејхун во северната покраина Идлиб, кон кој како што беше јавено утрото се движи конвој од оклопни возила на турската војска и кој во меѓувреме беше бомбардиран.

Заземањето на градот Хан-Шејхун, кој е под контрола на бунтовниците од 2014 година и е последнот нивно упориште во Идлиб, претставува опасност и за бунтовничките позиции во соседната покраина Хама.

Покрај освојувањето на градот, сириските трупи во истата област го контролираат стратешки важниот автопат кој ги поврзува двата најголеми и најразвиени града во земјата Дамаск – Алепо, ридот Нимр, предавателот на сирискиот мобилен оператор Syriatel, како и стратешките населби Хорш-Хан и Вади ал-Фатхм, на југот од покраината Идлиб.

Турција претходно во понеделникот направи обид да го запре напредувањето на сириската армија која настојува да ја поврати контролата над јужните региони на покраината Идлиб. Во понеделникот утрото сириското министерство за надворешни работи алармираше дека турскиот воен конвој со оружје и муниција наменети за бунтовниците кои ги поддржува Анкара во Хан-Шејхун ја минал сириската граница и стасал во градот Саракуб и притоа оцени дека станува збор за тешко нарушување на сирискиот суверенитет.

Малку подоцна министерството за одбрана на Турција објави дека транспортот на воената опрема со конвојот кој бил испратен во Идлиб бил насочен кон ткн Деветтиот контролен пункт „за зачувување на безбедноста, спречување на гинење на недолжни цивили и намалување на тензиите меѓу завојуваните страни“. Веднаш потоа Анкара остро го осуди воздушниот напад врз нејзиниот конвој при што загинале тројца мажи а уште 12 биле ранети.

Во посебно соопштение Анкара објави дека претходно ја известила Русија за движењето на конвојот и оти го задржала правото да ги преземе неопходните мерки за заштита во случај на повторен напад од сириската воена авијација.

По преговорите за Сирија во Нур-Сутлан од 2-ри август во Идлиб стапи на сила „режим на прекин на огнот“. Командата на сириската армија соопшти дека ќе ги запре борбените дејствија доколку Турција се придржува до руско-турскиот договор постигна во септември 2018 година во Сочи чија главна точка е повлекувањето на тешкото и средното вооружување на милитантите на 20 километри од демилитаризираната зона во Идлиб.

Три дена подоцна, на 5-ти август, сириската армија продолжи со операциите обвинувајќи ги милитантите дека не ги исполнуваат условите од договорот, и дека користејќи го затишјето се обиделе да нападнат позиции на сириската војска на северот од покраината Хама и повеќепати ракетирале станбени населби во таа област.