Пописот на населението и објектите во првите три дена, со исклучок на привремените технички проблеми, се одвива добро и досега се попишани околу 150 илјади граѓани. Софтверската апликација за попишување е апдејтирана и системот е рестартиран за непречено продолжување на пописот.
Директорот на ДЗС, Апостол Симовски вчера информираше дека се прави апдејт и рестартирање на процесот за да се отстранат какви било проблеми во иднина.
„Секогаш кога работите со технологија, можни се вакви случаи тие беа предвидени однапред и затоа има цела екипа и од провајдерот на апликативното решение и од провајдерот на интернет конекцијата, постојана екипа којашто е спремна да интервенира, луѓето интервенираа и еве се отклонуваат работите“, рече Симовски.
Оцени дека има добар прием кај населението, и работите се одвиваат без проблеми. За лицата кои се во изолација, попишувачите ќе добијат адреси и со нив ќе се договорат кога ќе може да се спроведе пописот, според протоколите или ќе се договорат и ќе почекаат додека лицето излезе од изолација.
Попишувачите ангажирани за потребите на пописот имаат специјални овластувања издадени од Државниот завод за статистика и брендирани маици кои го имаат логото на Попис 2021. Тие најпрвин треба да го покажат овластувањето и со својата лична карта да се идентификуваат, а доколку лицето нема такво овластување, Државниот завод за статистика апелира граѓаните да не го примат во својот дом.
Европската комисија ги охрабри сите во Македонија да учествуваат во процесот на попишување на населението и додаде дека пописот е дел од процесот за пристапување во Европската унија.
Можноста за самопопишување на лица во странство, до вчера ја искористиле – 191.890 лица.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија, кој официјално започна на 5-ти септември ќе трае до 30-ти септември.