Сите говорат за тоа, но никој не презема конкретни чекори кога станува збор за реализацијата на предлозите што на вработените мајки ќе им го олеснат или исплатат исклучително напорното секојдневие исполнето со најразлични „работни“ задачи и обврски.
Дека вработените мајки имаат многу повеќе обврски од останатите социјални групи докажува и истражувањето спроведено од американскиот портал salary.com. Според ова истражување, вработените мајки во просек имаат дополнителни 59, 4 часа неделно, во домот и околу семејството.
Со други зборови, со стандардните 40 часа работа во текот на работната недела (а некои жени мошне често работат и до 10 дополнителни часа прекувремено), жените во домот одработуваат 59, 4 часа дополнителни работи што опфаќаат најразлични сегменти.
Кога сте мајка и сопруга, тоа подразбира и голем број други задолженија и обврски што мошне често се земаат здраво за готово. Иако, мажите се повеќе почнуваат да помагаат и натаму главната одговорност останува на мајката. Еве што се работат вработените мајки, а не се платени за тоа:
- Приватен готвач
Дали знаете колку би ве чинел приватен готвач што би ви зготвил најмалку по еден оброк дневно, пет дена неделно. Размислете за ова следниот пат кога ќе приговарате за квалитетот на ручекот.
- Чистачкa
Некои истражувања покажаа дека жените во просек поминуваат и до 18 часа извршувајќи вообичаени работи низ домот.
- Дадилка
Чувањето деца е најтешката и најодговорна работа на светот. Во споменатите пресметки од 59, 4 часа неделно не е пресметано и времето што мајката го поминува со децата, затоа што тоа трае 24 часа дневно, 7 дена во неделата.
- Перење и пеглање
Колку е поголемо семејството, толку повеќе работа. Иако жените се почесто бараат помош за работата околу облеката и понатаму има голем број жени што пеглањето го оставаат за доцните часови во ноќта.
- Негувателка
Според просечните податоци, секое дете во годината се разболува околу 10 пати, а за секое од нив потребни се најмалку по три дена за заздравување. Пресметајте сами колку дена нега и грижа за секој член од семејството подразбира ова.
- Личен асистент
Плаќање сметки, купување во супермаркет, резервации, хемиско чистење, враќање книги во библиотека и уште многу други активности што другите членови во семејството ги забораваат затоа што „немаат време“ мајката мора да ги помни.
- Асистент за учење
Секоја мајка која има дете кое оди во училиште, па и ако се работи за најодговорно и најбистро дете, знае дека е потребно секојдневно да ги прегледа домашните задачи и да помогне додека се решаваат задачите или за испитување на материјата.