Додека сме во страшно исчекување, Русија жестоко и со цела воена сила да нѐ нападне, со што ќе му зададе смртоносен удар на натамошното хуманитарно постоење на НАТО, инсталираната Влада на Зоран Заев, камуфлирана во хевиметал состав, како учесник на рок хепенинг, според насоките на НАТО експертите, а заради заштита од руските проектили, во темницата на градскиот парк,го слави 8-ми Септември. Со неколку тезги за !лесковачки роштиљ“, како што доликува за вториот дел од референдумското прашање – „со можност да се вратиме повторно во (непостоечка) Југославија“.
Врховниот командант, пак, исто како и за Илинден пред месец и нешто, ќе слави „во кругот на најблиските“ во вила Водно. Во темница, се разбира, за да не го пронајдат руските крстосувачки ракети, па да го спречат во прославата на скорешното остварување на „вековните идеали“ на „неговиот“ народ – членството во НАТО и ЕУ. Е, сега, за жал, тој ќе нема можност да добие еко подарок зашто ќе нема кому да му однесе 5 стари батерии. Но, секако, ќе му биде од полза „демонстрацијата за користење ПП апарати“ и „дресурата со кучиња и со алпинистичко јаже“ заради успешна евакуација при„очекуваниот“ руски напад.
Но,шегата настрана. Кој смее,според грчките стандарди за иредентизам, но и според „боите на независноста“, да го слави 8-ми Септември,како ден на независноста на Република Македонија
– Осми септември имаат право да го слават и да го сметаат за свој празник само оние кои и понатаму веруваат и продолжуваат да се борат за вистинските идеали на македонскиот народ,за кои низ вековите гинеле генерации и генерации Македонци – слободна и обединета Македонија. 8 Септември како ден на создавање на независна и самостојна држава на дел од македонската територија и за дел од македонскиот народ,како уште еден чекор кон остварување на вековните идеали на македонскиот народ,најдобро изразени во говорот на Панко Брашнаров на отворањето на Првото заседание на АСНОМ :
„… Во овој момент,земјата на нашите покојници – многубројни народни герои,паднали и посеали коските си по цела Македонија,им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода,гледат идеална дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска,и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија,на две епохи – слободна,обединена Македонија…“
Говор пред делегатите на Првото заседание, на кое, меѓу другите ,како делегати, биле присутни и Атанас Великов Атанасов, работник од Петрич; Васил Григоров Василев, работник од Петрич; Димитри Манџовски, земјоделец од Костур; Васил Ивановски, работник од Костур; Димитар Влахов, публицист од Кукуш… Делегати, претставници на македонскиот народ од сите делови на Македонија.
– Оние, пак, другите, оние кои незаконски, насилно и противуставно го променија името на македонската држава, го избришаа постоењето на македонскиот народ, а Атанас, Васил, Димитри, Васил и Димитар, како делегати на АСНОМ, преку работата на заедничките комисии со Софија и Атина, ги избришаа од списокот на Македонците, како никогаш и да не постоеле, е тие, тие немаат право да го сквернават 8-ми Септември, празникот на државата Република Македонија. Немаат право не затоа што некој од нас така сака, туку затоа што менувајќи го името на државава, тие ја поништија одлуката на македонскиот народ донесена токму на тој ден пред 28 години,за независна и самостојна Република Македонија.
И можеби официјална Атина годинава молчи,но најверојатно веќе догодина прославата на 8-ми Септември ќе ја смета за иредентизам и ќе побара да се укине како национален празник. Ќе побара официјално да може да се слави само денот на создавањето на новата државна творба, денот кога 81 човек во Собранието поништија јасно изразена волја на над 800.000 луѓе на референдумот во 1991-та. Денот кога „петтата колона“ однатре, на притисок на Атина од надвор, го избриша постоењето на македонскиот народ и државата Република Македонија.
А „петтата колона“ првпат се појавува во граѓанската војна во Шпанија, но своето вистинско значење го добива во 1940 година во Норвешка. Тогаш, партијата на Видкун Квислинг е „петтата колона“ при германскиот напад на Норвешка, со што ја овозможува германската окупација, а Видкун Квислинг станува премиер на државата без победа на избори, туку со надворешна поддршка. Своите политички противници, оние кои застануваат во одбрана на татковината, со монтирани судски процеси ги затвара и ликвидира, а сопствената држава ја става во подредена положба на странска држава. Но, со завршувањето на Втората светска војна, во мај 1945-та, е уапсен и осуден за велепредавство. Смртната казна е извршена на 24-ти октомври 1945 година. Со него, за среќа на норвешкиот народ, умираат и сите меѓународни договори кои тој ги потпишал на штета на сопствената држава и сопствениот народ, а во интерес на странска држава.
Оставам на фантазијата на секој од читателите,по свое видување,да го доврши текстот. Само едно е повеќе од сигурно – ниту еден наметнат договор не го надживеал својот Квислинг.
Честит празник Македонци!
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес