Сите ученици со попреченост ќе се вклучат во редовните училишта, директорите ќе се бираат по нов метод

Сите ученици со попреченост ќе се вклучат во редовните училишта, најави министерот за образование Арбер Адеми, при што очекува новиот предлог-закон за основно образование, летово да биде усвоен во Собранието.

За секое дете со попреченост ќе бидат задолжени лични и образовни асистенти, како и едукатори и рехабилитатори. Посебните училишта, каде досега посетуваа настава децата со попречености ќе заминат во историјата, но исклучок се прави единствено за децата со потешка попреченост, кои ќе може да се дообразуваат во посебно училиште, но со дополнителен ресурсен центар.

Министерот нагласи дека со новото законско решение веќе нема да биде дозволена паралелка со повеќе од 30 ученици и дека нема да има намалување на бројката на наставни часови, бидејќи нашите ученици и така заостануваат година и половина од своите врсници во Западна Европа во образовниот процес, односно имаат 900 наставни часови помалку. Законот за основно образование воведува новини во однос на организирањето на учениците во Заедница на паралелка и Ученички парламент, исхраната на учениците, воведувањето стручни наставници за предметот спорт, елиминација на политичко влијание во училишните одбори, намалување на бројот на ученици во паралелки (од 20 до 30)…

Адеми најави и департизација во основното образование. Директорот ќе биде биран од страна на училишниот одбор, во кој ќе членуваат тројца наставници, тројца родители и еден претставник од општината.

Во однос на новините за наставниците, тие ќе се мотивираат со кариерен развој, со тоа што, рече Адеми, не се ориентирани кон казнување, туку кон мотивирање на наставниците.

Адеми нагласи и дека Министерството финансиски ќе ги поддржи учениците кои ќе настапуваат на меѓународните натпревари по математика, информатика или природни науки.