Сити и Ливерпул повторно израмнети на врвот

Во последниот саботен дуел од деветтото коло од англиското фудбалско првенство, Ливерпул како гостин го совлада Хадерсфилд со минималните 1:0 (1:0), со голот на својот најдобар играч Мохамед Салах во 24 минута.

Со оваа победа Ливепрул бодовно се израмни со актуелниот шампион Манчестер Сити на врвот од табелата со по 23 бодови, два повеќе од третиот Челзи и четвртиот Тотенхем. Хадерсфилд остана претпоследен 19-ти со три бода, еден повеќе од последниот Њукасл Јунајтед.

Претходно во саботата Манчестер Сити со убедливи 5:0 (1:0) на својот терен го совлада Барнли со головите на Агуеро во 17, Бернардо Силва во 54, Фернандињо во 56, Махрез во 83 и Сана во 90 минута. Барнли по поразот останува на 13-то место со осум бодови.

Во дербито на „Стенфорд Бриџ“, Челзи во последните секунди извлече реми со Манчестер Јунајтед. Домашните поведоа со голот на Рудигер во 21 минута, но следеше целосен пресврт на Јунајтед кој поведе со головите на Мартиал во 55 и 73 минута. Кога се чинеше дека Јунајтед ќе му го нанесе првиот пораз по подолг период на Челзи на негов терен, Баркли кој во игра влезе во 69 минута во последните секунди од шетминутното судиско продолжение донесе бод за „сините“. Манчестер Јунајтед пропушти можност да направи позначаен пробив кон местата кои гарантираат пласман во континенталните натпреварувања, и со овој бод е 9-ти со 14 бодови.

Тотенхем како гостин со голот на Ламела во 44 минута на гости го совлада Вест Хем Јунајтед, кој остана на 15-то место со седум бодови.

Њукасл Јунајтед останува закован на дното од табелата со само еден бод, откако и во саботата на домашен терен беше поразен од Брајтон едн Хоув Албион со голот на Кејал во 29 минута. Брајтон е солиден на 12-то место на табелата со 11 бодови.

Борнмут и Саутемптон одиграа без голови и осовија по бод, со кој домаќините остануваат и натаму на високото шесто место со 17 бодови, додека гостите собраа вреден бод во борбата за опстанок, сега имаат шест бодови со кои се на 16-то мести.

Вулверхемптон претрпе домашен пораз во две минути од Ватфорд, а стрелци беа Капуе во 20 и Перејра во 21 минута. Вулверхемптон е на 8-то место со 15 бодови, а со трите бода го мина токму Ватфорд кој има 16 бодови и е седми.

Саботната програма во англиската Премиер лига беше отворена со дербито на дното меѓу Кардиф Сити и Фулам, дуел кој беше и најдобриот и најефикасниот. Победија домашните со 4:2. Гостите поведоа со ефектниот гол на Ширле во 11 минута, но веќе во 15 минута израмни Марфи, а Реид во 20 минута ги доведе домашните во водство. Сесењон во 34 минута повторно носи израмнување, но домашните во второто полуврем преки Патерсон во 65 и Харис во 87 минута беа посречни и дојдоа до значајните бодови. Така Кардиф Сити дојде до првата победа во првенството и е на 17-то место со пет бодови, колку што има и Фулам место подолу на табелата.

Во недел играат Евертон – Кристал Палас, а во понеделник Арсенал – Лестер Сити.