Сити на мегдан со Реал Мадрид во првото полуфинале од Лигата на шампиони

Фудбалерите на Манчестер сити и Реал Мадрид вечерва се среќаваат во првиот натпревар од полуфиналните пресметки во Лигата на шампиони (ЛШ).

По поразот во ланското финале од Челзи, фудбалерите на Манчестер сити ќе се обидат да дојдат до европскиот трофеј, но на патот ќе им стои голема пречка во мадридски Реал, кој во својата историја има 13 европски титули.

Двете екипи играа во полуфиналето во ЛШ и во сезоната 2015/16. Во Манчестер немаше голови, а на реваншот на „Сантијаго Бернабеу“, Реал со автоголот на Фернандо избори финале во кое на пенали го победи градскиот ривал Атлетико.

Сити и Реал во натпреварот од 21 часот влегуваат со победи во домашните првенства. Сити беше убедлив на домашен терен против Ватфорд со 5:1, додека Реал триумфираше на гостински терен кај Осасуна со 3:1.