По Манчестер Сити и Вотфорд пласман во полуфиналето од англискиот ФА Куп избори и Вулферхемптон кој на својот стадион во саботата вечерта го елиминираше Манчестер Јунајтед.
Вандерерси победата ја изборија со головите на Раул Хименез во 70 и Диого Јота шест минути подоцна. Поразот на Јунајтед го ублажи Маркус Рашфорд во петтата минута од судиското продолжение. Со оваа побнеда Вулверхемптон го избори своето прво полуфинале по 1998 година.
Фудбалерите на Манчестер Сити изборија пласман во полуфиналето од англискиот ФА куп откако на гостувањето го победија второлигашот Свонси Сити со 3:2 постигнувајќи ги трите гола во последните 20 минути.
Меѓутоа, зад успехот на моментално водечката екипа во Премиер лигата останаа големи дамки, бидејќи Манчестер Сити вториот гол го постигна од сомнително досуден пенал, а третиот од очигледна офсајд позиција.
Свонси Сити поведе во 20 минута со голот на Мет Гримс од пенал. Казнениот удар го избори Конор Робертс кој го измами Фабиано Делф кој задоцни со реакцијата и го собори домашниот играч. Само девет минути подоцна „Лебедите“ изведоа фантастична контра која со прекрасен погодок ја круниса Берсен Селина, инаку играч на Сити позајмен во редовите на велшкиот клуб. Актуелниот англиски првак во првото полувреме имаше четири одлични шанси, но Швеѓанецот Кристофер Нордфелдт бранеше фантастично.
Сити се врати во живот во 69 минута кога Бернардо Силва искористи грешка на домашната одбрана реализирајќи за 1:2. Девет минути подоцна гостите израмнија од сомнително досуден пенал. Ударот од белата точка го изведе Серхио Агуер погодувајќи ја стативата, но топката се одби во домашниот голман и заврши во мрежата. Само три минути подоцна Швеѓанецот во интервал од само неколку секунди двапати одлично реагираше. Прво ударот на Рахим Стерлин го сврти во пречката, а потоа одбрани шут и на Агуеро кој натрча на одбиената топла. Во 87 минута ниту одличниот Нордфледт не можеше ништо да стори. Бернардо Силва нафрли а Агуеро погоди за 3:2 но од недозволена позиција.
Во претходно одиграниот дуел Вотфорд со 2:1 го победи Кристал Палас. Домашните поведоа во 27 минута со голот на Етјен Капуа, израмни Митчи Батшуаи во 62 минута, а победата на домашните им ја донесе Андре Греј во 79 минута.
Вотфорд седми пат во историјата се пласираше во полуфиналето од ФА купот, но само еднаш стаса до финалето, и тоа во 1984 година под водство на Греам Тејлор. Но тогаш загуби од Евертон со 0:2.
Во недела играат второлигашот Милвол и Брајтон енд Хоув Албион.