СЈО без одговор колку експерти плаќа

Специјалното јавно обвинителство и денеска без прецизни одговори кој се’ се наоѓа на нивниот список на експерти и стручни лица за кои се одвојуваат високи хонорари од буџетот на институцијата финансирана со државни пари.

 

Ниту годишниот извештај којшто го подготви Катица Јанева и најавува дека ќе го презентира пред пратениците и членовите на Советот на јавни обвинители не ги содржи овие информации.

 

Обвинителката Ленче Ристовска вели годишниот извештај не содржи информации кој се’ е надворешен соработник на специјалното обвинителство, но доколку постои интерес тие би ги објавиле овие информации.

 

„Во делот на извештајот знам дека не се содржани имињата на експертите кои се ангажирани од ова јавно обвинителство“, рече специјалната обвинителка Ристовска.

 

Прашањето за експертите особено стана интересно по потврдата на информациите дека професорот Светозар Шкариќ и адвокатот Александар Тортевски се на листата ангажирани експертите. Двајцата во периодот пред обелоденувањето на нивниот ангажман во СЈО гласно ја бранеа Катица Јанева и нејзината работа и ги застапуваа ставовите на опозицијата. Големо внимание предизвика и ангажманот на Мирослав Грчев за вештак во случајот „Космос“. Грчев е познат како поранешен функционер и градоначалник од редовите на СДСМ, а неговата објективност во случајот се става под прашање по информацијата дека тој изработувал вештачење на барање токму на сопственикот на „Космос“.

 

Таа потврди и дека во канцеларијата за односи со јавност ангажиран е и новинарот Панта Џамбазовски, но остана без одговор на информациите дека во истиот сектор на Специјалното обвинителство ангажирани се и новинарите Огнен Јаневски и Нора Шаќири.

 

Ристовска вели и дека обвинителството нема намера да поведува интерна истрага за да открие кој открива информации за нивните предмети и им ги обелоденува на медиумите кои се сметаат за блиски до опозицијата.  Обвинителката тврди никој од обвинителството не информира одредени медиуми.

 

„Од тука не се протечени никакви информации, не можеме да ги знаеме мотивите на другите лица кои даваат информации за наши предмети. Она што можеме да го кажеме дека не е тајна кој влегува во вратата на ова обвинителство и не е тајна кој е повикан за сведок. Тајна е што тој сведок нас ни кажал и што е предмет на интерес“, вели Ристовска.

 

Сепак, на јавноста и е познато дека медиуми особено оние блиски до опозицијата редовно објавуваат на кои и какви предмети работи специјалното обвинителство, кога ќе има нова истрага и за што таа ќе се однесува, кога некој ќе биде повикан на распит во специјалното обвинителството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.