Обвинителката Елизабета Јосифовска од Специјалното јавно обвинителство денеска нагласи дека Обвинителството ќе поднесе жалба за пресудата, со која што Судот ги ослободи од вина Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан, кои беа обвинети за бесправна градба во случајот „Тревник“.
– Во секој случај ќе поднесеме жалба. Тука нема дилема, бидејќи јас стојам на ставот дека обвинението беше издржано, поткрепени со доволно докази и во секој случај жалба ќе следи. Ќе се произнесеме, се надевам дека писмено изработената пресуда ќе даде и дополнителни причини од кои се раководел Судот. Во секој случај за нас како Обвинителство, сметам дека обвинението е основано, истакна Јосифовска.
Наведе дека ќе се жалат, посочувајќи дека тоа е правен механизам со кој моижат да реагираат во вакви ситуации.
На новинарското прашање во однос на тоа дека судијката констатирала дека не постои кривично дело, обвинителката рече дека во врска со тоа секако ќе се произнесат со писмена жалба.
– Во однос на тој став на Судот секако ќе се произнесеме во писмената жалба. Во моментов можам да кажам дека во овој случај не е спроведена постапката за легализација, што го констатираше и самиот суд. Се работи за една процедува којашто согласно законските прописи требало да тече на поинаков начин. Најпрво се вади одобрение за градење, потоа се почнува со градба. Мислам дека и судот констатира дека во одреден период се градело без одобрение. Тоа што не реагирале соодветните институции не е основ за исклучување на кривичната одговорност на обвинетите кои беа во овој процес, потенцираше Јосифовска.