На 20.01.2017 година на дежурниот судија при Одделението за организиран криминал и корупција во Основниот суд Скопје 1 Скопје, како што велат од СЈО, се поднесени неколку барања за издавање наредби за претреси. – Барањата се однесуваа на различни предистражни и истражни постапки кои ги спроведува ова Јавно обвинителство. Во прилог на нашите барања беа доставени докази и разговори од незаконското следење на комуникациите од кои произлегува надлежноста на ова Јавно обвинителство. Иако барањата беа предадени на дежурниот судија, сепак од непознати причини за ова Јавно обвинителство, дежурниот судија беше заменет и барањата беа доделени на други судии на постапување, стои во соопштението од СЈО.
Одлуки по барања, велат од СЈО, биле донесени по истекот на законските рокови, со што постапката се одолговлекувала и се оневозможувала итност во постапувањето. Посочуваат дека Законот за кривична постапка предвидел кратки рокови и тоа по барањето за издавање наредба за претрес судијата е должен да донесе одлука во рок од 12 часа, а доколку изрази несогласност, тогаш Кривичниот совет треба да одлучи во рок од дополнителни 24 часа.
Од судот беше издадена само една наредба за претрес и тоа на ден 25.01.2016 година, при што од наша страна извршен е претрес на една локација во Скопје, за потребите на истражната постапка во предметот под работен наслов „Титаник“, велат од СЈО, посочувајќи дека сите останати барања за издавање на наредби за претрес, кои се однесуваа на сегашни и поранешни високи функционери, се одбиени.
Во соопштението е наведено дека судиите за претходна постапка на кои им биле доделени овие предмети: судијата Елена Јосифовиќ и судијата Александра Поп Стефанија изразиле несогласност по барањата за определување наредба за претрес, а кривичните совети во состав од судиите Љубинка Башеска, Горан Бошевски и Владимир Панчевски, од судиите Владимир Панчевски, Ленка Давиткова и Диана Груевска Илиевска и од судиите Ленка Давиткова, Диана Груевска Илиевска и Ивица Стефановски ги уважиле изразените несогласности на судиите за претходна постапка.
Од СЈО велат дека до нив се уште не се доставени записниците, ниту пак снимките од одржаните рочишта по повод поднесените обвинителни предлози во случаите за насилството во општина Центар и за уништената документација во Управата за безбедност и контраразузнавање.