СЈО се повлече, повеќе не бара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) се откажало од барањето за заштита на законитост, со кое бараше замрзнување на имото на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и на партиското седиште во центарот на Скопје, објавува радиото „Слободна Европа“, на својот интернет портал.

Со барањето за заштита на законитоста СЈО сметаше дека Врховниот суд треба да ги поништи сите претходни судски одлуки кои оневозможуваа замрзнување на имотот на партијата во рамки на истрагата што ја води ова обвинителство „Талир“.

„Барањето за заштита на законитоста се отфрла. Според член 460 став 1 од Законот за кривичната постапка, ако јавниот обвинител го повлече барањето за заштита на законитоста, судот со решение ќе го отфрли барањето, се наведува во одлуката на Врховен, донесена на 14 овој месец.

„Талир“ е една од истрагите на СЈО кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори. При нејзиното објавување од СЈО информираа дека се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ при што постои основано сомнение дека во периодот од 2009 до 2015 година се злоупотребени 4,9 милиони евра.