ШК „Алкалоид“ се подготвува за Европскиот клупски куп 2018

Алкалоид си "реди" победи на Европскиот куп

Шаховскиот клуб „Алкалоид“, повторно во борба за европски медал. Како европски клупски шампион во шах за 2016 година и вицешампион за 2017 година ШК „Алкалоид“ и оваа година амбициозно се подготвува за најсилното клупско шаховско натпреварување – Европски клупски куп, кое ќе се одржи во октомври во Порто Карас, Грција.

Од компанијата соопштија дека минатата година успехот на клубот бил надополнет со пет медали за индивидуални резултати по табли (четири златни и еден сребрен). По двата последователни историски резултати, новиот предизвик за екипата е освојување на уште еден медал и со тоа да се запише во листата на осум најуспешни екипи во современата историја на Европските клупски шаховски натпреварувања.

Дотогаш, екипата на „Алкалоид“, ќе учествува на екипниот шампионат на Македонија, од 11 до 17 Август во Струга.

Шампионскиот состав и оваа година е непроменет и ќе се бори за седмата последователна титула или вкупно ја „брка” својата 21 шампионска титула во 27-миот настап од 1992 година.

Покрај најдобрите македонски шахисти, стандардни членови на клубот, ВМ Трајко Недев, ИМ Филип Панчевски, ВМ Звонко Станојоски, ИМ Дејан Стојановски, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ и ВМ Влатко Богдановски, дел на екипата се и четворицата велемајстори од светскиот врв: Дмитриј Јаковенко, Јуриј Криворучко, Дмитриј Андрејкин и Павел Елјанов.

Странските играчи во изминатите години повеќе пати биле дел од составот на ШК „Алкалоид“ и на овој начин продолжува да се негува тимскиот дух на екипата, кој се покажува како исклучително значаен фактор во успешните настапи претходните години.

Како најсилен шаховски клуб во Македонија, ШК „Алкалоид“ останува и натаму главен столб на македонските репрезентации, а очигледно и странските играчи на ист начин се дел и на своите државни репрезентации. Функционирајќи веќе 42 години под континуирано спонзорство на компанијата „Алкалоид АД“ Скопје, клубот важи за еден од најуспешните во  Европа.