Скандал: Македонската царина не знае колку од патниците од сите четири автобуси се вратиле во Македонија

„До овој момент македонската царина не знае колку патници се вратиле во земјава од патувањето во Истанбул. Од царина денеска ни одговорија дека нивниот сектор за внатрешна контрола деновиве има премногу работа и се уште не може да обезбеди податок за тоа колку патници имало во трите автобуси кои стигнаа во Македонија од патувањето во Истанбул“, вели репортерката на телевизија Сител во централниот дневник.

Телевизијата Сител денеска праша во македонска царина колку патници имало во автобусите на излез и колку патници се вратени. И затоа додека нема податоци за влез, телевизија Сител добила конкретни податоци за тоа колку луѓе излегле од земјава, но и во тие податоци има шокантни информации.

„Во кобниот автобус имало 51 патник и еден возач. Во вториот автобус имало двајца возачи и 51 патник. Во другите два автобуси, во едниот 54 патници, а во другиот 40 патници, и во двата автобуси имало по двајца возачи. Она што е шокантно за овие два автобуси е тоа дека во евидентните листови кои што постојат во царина кои што возачите ги доставиле има само рачно напишан список со пенкало, со имиња и презимиња на патниците кои што се наоѓаат во автобусот. Во тие евидентни листови нема печат, нема број, нема датум, нема регистарски ознака и нема релација каде ќе патуваат овие луѓе. Исто така од царина не добивме одговор на прашањето дали податоците кои што ги имаат тие за излез и за влез во земјава се совпаѓаат со податоците на нивните турски и бугарски колеги“, рече репортерката на телевизија Сител во централниот дневник.

Казната ќе биде согласно законите, така пишува во одговорот што го доби телевизија Сител од царина. А, тоа значи дека засега вработените кои што биле на смена на 18-ти ноември се суспендирани од работа и тече дисциплинската постапка. А, по завршување на дисциплинската постапка ќе се знае и казната која што како нагласи царина ќе биде согласно законите во земјава.

„Документацијата на „Беса транс“ за претходниот еден месец според одговорот на царина се проверува и тоа е дел од истрагата. Исто само да напоменам дека прашавме дали во овој случај затоа што има редица недоследности кај цариниските службеници кои што биле на смена од тоа дека нема извод од лиценцата во автобусот, дека во другите два автобуси нема списоци со патници со печат и регистарски број туку само со пенкало рачно напишани имиња и презимиња, со оглед на ваквите пропусти прашавме дали во случајот има само превид или мириса на корупција. Ни беше одговорено дека е направен превид и дека се работи за грешка за која што ќе има санкција, но корупција не може да се утврди“, појасни репортерката на телевизија Сител во централниот дневник.