Скапото продолжение на „Аватар“ потфрли во продажбата на влезници

Долгоочекуваното продолжување на филмот „Аватар“ на режисерот Џејмс Камерон не ги исполни очекувањата во продажбата на влезници, откако во текот на викендот се појави во кино-салите, иако некои сметаат дека е прерано за процените дали филмот ќе ги надомести огромните вложувања во неговото снимање.

„Аватар: Патот на водата“ заработил рамковно 435 милиони долари ширум светот, соопшти дистрибутерот компанијата „Walt Disney Co“, вклучително и 134 милиони долари во САД и Канада.

Пред првиот викенд на прикажувањето на филмот се очекуваа најмалку 150 милиони долари заработка на кино-касите во САД и Канада, и барем 500 милиони долари во светот, за филмот за синокожите луѓе На’ви на месечината Пандора, на кој Камерон работеше цела деценија.

И додека бројките се пониски од очекуваните, според Comscore, платформата која ги следи остварувањата на продажбата на билетите, „Аватар….“ е третото најголемо холивудско остварување во светот во текот на пандемијата на Covid-19.

Аналитичарите велат дека „… Патот на водата“ има шанса да привлече големи семејни публики во текот на божикните и новогодишните празници. Покрај тоа, во прилог му оди и тоа што овој филм нема да има преголема конкуренција до февруари.

„’Аватар: Патот на водата’ е направен на долги патеки, како и речиси сите филмови на Џејмс Камерон. Можеби тоа нема да биде видливо во текот на првиот викенд, но подоцна ќе биде“, коментира Џеф Бок, виш медиумски аналитичар во компанијата „Exhibitor Relations Co. Audiences“.

Издавачите на филмот ја поделија продажбата на влезниците со кино-салите, а Камерон изјави дека „Аватар: Патот на водата“ мора да заработи две милијарди долари само за да ги покрие трошоците.

Од „Walt Disney Co“, инаку, досега не ги открија податоците за вкупниот буџет за подготовките и снимањето на филмот, како и за маркетиншките трошоци.