Државниот завод за статистика објави дека индексот на трошоците на животот (инфлацијата) во јуни 2022 година, во однос на претходниот месец, изнесува 102.8, а индексот на цените на мало изнесува 102.4. Додека во споредба со јуни 2021 година, индексот на трошоците на животот бележи зголемување од 14.5 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 13.7 %.
Во споредба со мај годинава, во јуни поскапело речиси сѐ. Пораст на индексите на трошоците на животот за само еден месец е забележан кај маслото и маснотиите за 10.4 %, лебот и житата за 7.8 %, млекото за 6.7 %, месото за 5.2 %, свежото и разладеното овошје за 2.9 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2.7 %, виното за 2.1 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1.0 %, рибата и морските плодови за 0.8 %, кафето, чајот, какаото за 0.5 % и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0.4 %.
Во јуни, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 17.2 %, течните горива за домаќинствата за 16.3 %, туристичките аранжмани за 6.4 %, цврстите горива за домаќинствата за 6.2 %, воздухопловниот патнички транспорт за 6.1 %, гасот за домаќинствата за 4.4 %, рестораните, кафулињата и слично за 2.5 % и тн.
Намалување на индексите на трошоците на животот во јуни 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 3.3 %.