Скокот на залихите во САД ја турна цената на нафтата под 83 долари

Цените на нафтата се лизнаа под 83 долари на меѓународните пазари во средата под притисок на порастот на залихите во САД и сигналите од американската централна банка дека нема да брза со намалување на каматните стапки.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше пониска за 76 центи отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 82,89 долари. Вчера го затвори тргувањето со добивка од 1,12 долари. На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по пониска цена за 83 центи, од 78,04 долари. Вчера го затвори тргувањето со добивка од 1,29 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелпт од референтната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот се зголеми за 1,39 долари на 82,22 долари.

Цените во вторникот беа поддржани од проценките на некои аналитичари дека ОPEC и нејзините сојузници независни големи извозници предводени од Русија, познати како OPEC+, го продолжат договорот за намалување на понудата во март и пригушената загриженост за кинеската побарувачка.

Во средата, трговците повторно се фокусираа на сигналите од американската централна банка дека можат да ги намалат каматните стапки дури кон крајот на пролетта, подоцна од очекуваното. Функционерката на Fed, Мишел Бауман, во вторникот посочи дека банката нема да брза со намалувањето на каматните стапки, во прв ред поради континуираните ризици од инфлација. Трговците, од друга страна, стравуваат дека високите стапки на долг рок би можеле да го забават економскиот раст и да ја намалат побарувачката за нафта.

„Моќта на инфлаторните очекувања не треба да се потценува. Доколку американскиот PCE (индекс на цени на стоки и услуги за лична потрошувачка) утре е повисок од очекуваното, (цените на нафтата) можеби достигнале привремен плафон“, објаснува во белешката Тамаш Варга од брокерската куќа PVM.

Американската централна банка го смета индексот сигурен показател за инфлацијата и клучен фактор во одлучувањето за каматните стапки. Министерството за трговија во четврток ќе ги објави податоците за јануари.

Во средата, цените на нафтата беа намалени и од зголемувањето на залихите на нафта во САД минатата седмица, за дури 8,43 милиони барели, според пазарни извори кои се цитирани за податоци од здружението на производители на API. Растот многукратно ги надмина очекувањата на аналитичарите од истражувањето на Reuters.