Скопје денеска е третиот најзагаден град во Европа

Според најновите податоци на платформата „Ај кју аир“, Скопје денеска е рангиран на 23-то место според аерозагаденост на светско ниво. А, во Европа, главниот град на Македонија е третиот најзагаден, веднаш после Сараево, кое се наоѓа на 11-то место, и после Приштина, која е рангирана на 20-то место.

Нивото на штетните ПМ честитки измерени во 11:30 часот денеска, изнесува 121 единици, поради што не се препорачува излегување надвор на хронично болните и на децата.

Пред два дена Скопје беше најзагадениот град во светот, кога според платформата „Ај кју аир“ во главниот град беа забележани 263 единици штетни честички.

Заменичката министерка за животна средина Ане Лашкоска вчера изјави дека во сила се краткорочни и долгорочни мерки од Владата и упати апел до општините и сите надлежни институции да се вклучат во активностите за справување со загадувањето на воздухот. Таа побара и локалните самоуправи да ги пуштат на терен општинските инспектори, особено во малите и средните претпријатија, а не само во оние кои имаат А и Б интегрирана дозвола.